“Вечер“: Јадеме кромид од Албанија, лук од Кина, домати од Грција, грав од Етиопија…а сме земјоделска земја!

Од земјоделска земја и производител на храна станавме увозник на храна и на земјоделски производи, пишува македонскиот портал “Вечер“. Податоците покажуваат дека Македонија увезува 70 отсто од храната, а нивите остануваат празни. Доказ за ова е потеклото на овошјето и зеленчукот кои ги купуваме на зелените пазари и во маркетите. Од Србија се снабдува со млеко и брашно, од Албанија со кромид, краставици, со домати од Грција и Албанија, од Кина и од Унгарија со лук, а грав од  Етиопија, Киргистан, Казахстан, Пакистан…

Не постои интерес за обработка на земјоделското земјиште. Ниските откупни цени, високите трошоци за производство и иселувањето на младите си го направија своето. Огромни површини државно земјиште не се дадени под концесија. И додека од една страна се зборува за зголемување на производството, за жал, на терен сликата е многу поинаква.

– Високите трошоци за производство и ниските откупни цени со кои се соочуваат земјоделците последните години го намалија производството. Поради тоа дел од земјоделски култури едноставно исчезнаа од нивите. Еве, на пример, кромид пред 2-3 години имавме и за извоз, но ниските цени го уништија и сега го увезуваме од Албанија. Слична е состојбата и со другите земјоделски производи – домати, краставици, пиперки… кои сè помалку ги има по нивите и се почесто ги увезуваме. Така на пример тетовскиот грав одамна го нема по пазарите, а веќе го нема ни во Тетово и го увезуваме од Етиопија, Киргистан, Казахстан, Пакистан… , вели за “Вечер“ Ристо Велков, претседател на Синдикатот на земјоделци од Струмица.

Жалосно е ова што се случува, порано го обезбедувавме со храна цел Балкан, а сега увезуваме од Албанија, Србија, Грција… И наместо квалитетен зеленчук произведен на нашите ниви, јадеме увезен кој е со далеку послаб квалитет, кој се транспортира по неколку дена и долго стои на пазарите.

И површините под ориз се намалени, а многу ниви годинава останаа запустени вели Стојче Ташковски од Здружението на оризопроизводители од Кочани. Според него, за неколку години и производството на ориз може да биде доведено во прашање, бидејќи површините засадени со оваа култура секоја година се намалуваат.

Гравот „тетовец“ во последниве години сè помалку го има по нивите, земјоделците сè повеќе се откажуваат од гравот поради неисплатливоста и поради тоа што е тежок за работење.

За да се промени ваквата состојба во земјоделството експертите бараат нови политики, односно државата повеќе да му помага на земјоделството. Треба од корен да се смени односот кон земјоделието за да со мерките ги натераме луѓето да инвестираат во земјоделието и да се вратат на нивите.

Останати вести