Државните институции од септември ќе мора да ги следат задолженијата од Владата и да ги намалат сметките за електрична енергија за 15% за безбедна зима, соопшти министерот Крешник Бектеши.
– Прогнозите се дека ќе преживееме една од најтешките зими, не само ние, туку и во регионот и во Европа. Со цел да имаме непречено снабдување со струја и пониски сметки. Мерките се поделени во повеќе категории, зависно дали се работи за домаќинства, компании или објекти, институции и претрпијатија во државна сопственост. За домаќинствата и компаниите се предвидени само препораки, а за инстутциите се предвидени конкретни задолженија. Целта е да се постигне 15% помала потрошувачка во однос на истиот месец од претходната година. Ако не се постигне оваа цел, ќе следуваат санкции за институциите – рече тој.
Државните објекти кои се во сопственост на централната власт се задолжени да го исклучат декоративното осветлување на фасадите. Не смее да се користи светло внатре во објектите во период кога има доволно дневна светлина. Во јавните објекти во сезона на ладење температурата да се мести не пониско од 27 степени, односно во сезоната на греење не повисоко од 20 степени.
– Кратко и интензивно проветрување, исклучување на осветлувањето, да се исклучат сите компјутери по завршување на работата. Да се печатат само неопходни документи, редовно да се менуваат филтрите на грејните тела, се препорачува менување на ПВЦ-прозорци каде што е можно. Ќе треба институциите да имаат ангажирано лица кои ќе се грижат дали ова ќе се спроведува. Раководителите секој месец ќе доставуваат извештаи до Владата за потрошувачката на енергија. Овие задолженија ќе бидат на сила од 1 септември 2022 се до 31 март 2023 година – додаде тој.
Во делот на јавните патишта треба да се намали осветлувањето до минимален сигурносен обем на осветлување улици, плоштади и други објекти.