Владата со намера до јуни да ги стави во Собранието уставните измени

Потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев, деновиве во телевизиско гостување најави дека Владата наскоро ќе започне широка дебата за внесувањето на Бугарите во Уставот, што е услов за да продолжат преговорите со ЕУ. Процес што власта планира да заврши кон крајот на пролетта и во почетокот на летото, односно дека мај би бил месецот кога би почнала собраниската процедура за уставните измени.

Премиерот Ковачевски очекува широк консензус со кој Бугарите ќе бидат запишани во Уставот, а лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски гарантира дека на власта нема да ѝ успее насила, „со пиштол на чело“, да издејствува измени на Уставот.

Истовремено премиерот Димитар Ковачевски тврди дека не планира наскоро да се сретне со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во врска со уставните измени, а Христијан Мицкоски не сака средба, зашто вели дека на таа тема се му кажал на премиерот.

Ова значи дека нема никакво поместување, а камо ли приближување на позициите помеѓу власта и опозицијата. На власта не ѝ помина ни предлогот: уставни измени и веднаш потоа избори, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ инсистира само на избори.

– Уставните измени мора да  почнат на експертско ниво за да може граѓаните да видат како ќе изгледаат уставните амандмани и тие ќе ги подготват експерти од Министерството за правда, универзитетски професори и претставници на партии. Партиите ќе бидат вклучени во самиот процес, бидејќи уставните измени се процесираат во Собранието во неколку фази. Во моментов нема лидерска средба и нема да има во најскоро време – рече Ковачевски.

Лидерот на СДСМ и премиер потсетува дека двотретинско мнозинство пратеници е потребно и за други закони.

– Уставните измени не се туркаат и не се протуркуваат туку се гласаат во Собранието. Тие се една од одлуките за кои е потребно двотретинско мнозинство до нашето полноправно зачленување во ЕУ.  Со двотретинско мнозинство ќе треба да се носат измени во обвинителската и во судската сфера, во децентрализацијата… и затоа треба да изградиме широк, национален, политички и општествен консензус дека овие прашања се за иднината на државата. Парламентот има обврска заради граѓаните да носи одлуки со кои земјава ќе стане членка на ЕУ – рече премиерот.

Мицкоски нема намера да учествува во подготовката на уставните амандмани и повтори дека останува на тоа дека решение на проблемот се брзи предвремени парламентарни избори, ако власта прифати и без техничка влада.

За обвинувањата од власта дека ВМРО-ДПМНЕ на средбите со дипломатите ветува промена на Уставот по изборите, Мицкоски одби да коментира и порача дека за тоа чека реакција од дипломатите.

– Ним им кажувам се што кажувам и пред јавноста. Неодговорно е ако велиме дека ние нема да бараме начин како ќе го решиме проблемот. Истото го зборувам и со дипломатите. Каков кредибилитет има Груби и Маричиќ за да им верувате? Се додека промотори се Груби, Ахмети, Бујар Османи, Ковачевски и Маричиќ не само што ќе расте негативното чувство кон ЕУ, туку тоа ќе биде 100 отсто. Не се овие луѓе кредибилни промотори на овој процес. Сакам ова секој да го знае од Брисел, Париз, Берлин, Софија и Скопје – вели Мицкоски.

Мицкоски: Уставните измени не се приоритет за граѓаните, тие постојат само во главите
на неколку политичари

Уставните измени не ги споменува никој од граѓаните и тие постојат само во главите на неколку политичари кои ниту самите не веруваат дека тоа е добро, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Ако ги прашувате граѓаните “кои се вашите приоритети”, тие ќе ви набројат најмалку 15 приоритети и ако не ги потсетите на уставните измени, никој нема да ги спомене, рече Мицкоски.
Според него, уставните измени „постојат само во главите на неколку политичари, кои и сами не веруваат дека тоа е добро“.
Тие мислат дека ако на сила тераат процес на уставни измени, тоа ќе ги спаси нивните политички кариери. Секој политичар и пратеник треба да знае дека уставни измени не се за вклучување на дел од бугарскиот народ во преамбулата, туку за спас на политичката кариера на Артан Груби, Али Ахмети, Димитар Ковачевски, Бојан Маричиќ и останатите. Ова нема врска со Европа, освен со криминал и пари што го крадат народот, рече тој.

Останати вести