Владејачката коалиција на чело со СДСМ нуди Манифест за обединување за брз и квалитетен влез во ЕУ до 2030 година

СДСМ и владејачката коалиција понудија Манифест до сите парламентарни партии за брз и квалитетен процес на преговори со ЕУ кој ќе резултира со членство на Македонија во ЕУ до 2030 година. Од СДСМ сметаат дека Манифестот е добра основа за градење единство околу иднината на земјата и дека со него Собранието дефинира рамки на позиции по кои мора да постапуваат сите надлежни институции во преговорите со ЕУ.

– Време е за обединување на сите политички лидери, преку потпишување на заеднички Манифест со кој сите заедно ќе се обврзат за ефикасно водење на преговорите за пристапување во ЕУ. Политиките на СДСМ и коалицијата, за интеграција во НАТО и полноправно членство во ЕУ не се само политики за остварување на врвните стратешки приоритети и национални интереси, тоа се политики за сигурна и стабилна иднина за сите граѓани, економски напредок, развој и европски вредности. Ние сме чувари на македонскиот идентитет, јазик, култура и традиција, но и на заедништвото меѓу сите наши граѓани, без разлика на етничка, верска или друга припадност. Токму преку овој Манифест сите лидери на политичките партии се обврзуваат дека ќе настојуваат пристапните преговори да завршат во најкраток можен рок, а притоа целосно заштитувајќи го идентитетот, традицијата, јазикот и општествените вредности на граѓаните – се вели во партиското соопштение.

Во Манифестот, додаваат, е јасно наведено дека политичките партии во Собранието, без разлика од составот на владејачкото мнозинство, се обврзуваат да соработуваат, но и да го водат преговарачкиот процес целосно отворено и транспарентно со цел најшироката јавност да биде во можност да го изрази своето мислење по однос на условите за членство во ЕУ.

– Почнавме преговори со Унијата со заштитен и признаен македонски јазик и идентитет. Резолуциите на големите и пријателски држави за признавање и потврда на македонскиот јазик, идентитет и посебност дополнително говори за нашата посветеност и современ патриотизам. Пред нашата татковина и пред сите нас е историска шанса за продолжување на европскиот пат со глас за Европа во македонското Собрание. Сега треба да се направи чекор напред, да се донесе одлука за усвојување на уставните измени и побрзо членство во ЕУ. Затоа, повикуваме на обединување околу европската иднината на земјата, а усвојувањето овој Манифест е добра основа за чекор напред кон такво обединување – додаваат од СДСМ.

Иницијатори на Манифестот се политичките партии: Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ), Демократската Унија за Интеграција, (ДУИ), Алијанса за Албанците (АА), Либерално-демократска партија (ЛДП), Нова социјал-демократска партија (НСДП), Демократска Партија на Албанците (ДПА), Партија за движење на Турците (ТХП), Демократска партија на Турците во Македонија (ТДП), Демократска обнова на Македонија (ДОМ), ВМРО- Народна партија (ВМРО-НП), Партија на пензионерите (ПП), Српска странка во Македонија.

Документот е отворен за широка општествена подршка.

Клучни поенти од документот се дека пристапните преговори со ЕУ ќе ги води Владата (која и да биде избрана). Преговорите ќе се водат врз основа на целосни и јавни информации, со отворено и транспарентно водење на процесот, а на сите заинтересирани страни ќе им биде осигурено правото на достапност на информациите и дијалог.

Граѓаните ќе одлучат за пристапувањето во ЕУ преку референдум кој ќе се одржи пред потпишувањето на Договорот за пристапување, односно по завршувањето на преговорите.

Останати вести