Лимани: Кого и да прашате дали сака ајдук за градоначалник од неговата етничка припадност, или сака градоначалник од друга припадност, ама кој ќе ги засука ракавите – знаете каков одговор ќе добиете
Лидерот на ДУИ Али Ахмети се обидел неколку пати преку посредници, меѓу кои и преку Муса Џафери, да го убеди Фатмир Лимани да се врати во партијата и да не поднесува независна кандидатура за градоналник на Кичево, но не успеал во тоа. Во разговор за “МКД.мк“ Лимани вели дека на Кичево му е доста од неодговорни политичари, од корупција и кражби, од депонии, глутници опасни кучиња, од ширење на дрогата меѓу младите. Време е вели, проблемите да се решаваат, младите да не бегаат во странство и етничката припадност да не биде најважното нешто.
– Кичево го знам во душата, јас овде живеам, ги знам проблемите на општината, за разлика од досегашните власти на кои на прво место им е корупцијата, а не инвестирање и подобрување на животот. Ако од една куќа краде само еден човек, таа кога – тогаш ќе падне, а да не зборуваме за општината, за државата. Од таква неодговорност би пропаднала и една Швајцарија, не па ние овде. Затоа, кон Кичево мора да се однесуваме како кон сопствениот дом, вели Лимани.
На нападите од ДУИ дека со неговата независна кандидатура може да се случи распределба на гласовите на граѓаните Албанци и на тој начин да победи кандидат Македонец, Лимани вели:
– Во Кичево живеат Албанци, Македонци, Турци, Власи и Срби и други. Сите сме еднакви граѓани и на сите нѝ е потребен подобар град за живеење. Кого и да прашате дали сака ајдук за градоначалник од неговата етничка припадност, или сака градоначалник од друга припадност, ама кој ќе ги засука ракавите, знаете каков одговор ќе добиете. Важно е само тој душата да ја дава за општината и за граѓаните. Досега можевме да видиме дека наместо да носат овде инвестиции, тие ги носат во швајцарии, америки… Ние остануваме да живееме со проблемите, со депониите кои не се дислоцираат, со ѓубрето насекаде расфрлано, со глутници опасни кучиња по улиците иако има пари предвидено за стационар за миленичиња, нема ништо од тоа. Здравството ни е во колапс, пациенти нѝ умираат додека уште не ја поминале Стража не стигнувајќи до поголемите болници во земјава. Воспитно образовениот живот е катастрофа, јас објавив дека 60 отсто од младите имаат контакт со дрогата. Веднаш потоа имаше акција и беа фатени 250 кг дрога. А човекот што бил поврзан со таа дрога е советник за образовение! Значи, советник на Дехари, нагласува Лимани.
На забшката дека ДУИ се ребрендира во „зелена партија” и дека дел од проблемите за Кичево кои тој ги наведува сега се дел од програмата на таа партија со ветувања за нивно решавање, Лимани со насмевка вели има разлика меѓу „зелени” во умот и „зелени” во вистинска акција.
– И Али Ахмети и други се дојдени од Швајцарија, всушност ние ги вративме овде, се знае по кој пат дојдоа. Но, овде состојбите се многу поразлични. Не ги викнавме да дојдат за да нѝ ги избркаат младите кичевчани во Швајцарија, туку тие да имаат подобар живот и да останат тука. Да сакаа Кичево зелено да го направат, само во последниве 8 години ќе го направеа светло зелено. Имам еден столб во мојата програма – подобар живот за помладите генерации и од тој столб не отстапувам, заклучува Лимани.
Тој прогнозира дека овие избори ќе донесат изненадувања и дека ќе има, вели, чудни резултати. Верува дека на крајот, ако изборите бидат чесно спроведени, народот ќе си ја донесе одлуката давајќи му глас на оној за кого ќе процени дека е чесен и дека знае како да ги решава проблемите. Верува дека гласачите нема да се раководат од етничката припадност на кандидатот, ниту од партиската припадност, зашто вели, рејтингот на партиите е тргнат кон нулата.
Инаку, за кандидатурата на Лимани и од Алијанса за Албанците и од Алтернатива потврдуваат дека имале контакти со него во функција на локалните избори.
Интересно ќе биде и прашањето како договорот меѓу ВМРО-ДПМНЕ со Алијанса/Алтернатива ќе се одрази на изборниот резултат во Кичево.