Во Кина најнизок наталитет во последниве 40 години

Стапката на наталитетот во Кина падна на најниското ниво од 1978 година во моментот кога владата настојува да ја спречи демографската криза што се заканува.

Податоците што ги објави кинеското национално биро за статистика покажуваат дека во 2020 година имало 8,5 родени на 1.000 жители, што е првпат во последниве неколку децении таа цифра да падне под 10.

Во статистичкиот извештај објавен за време на викендот се наведува дека природната стапка на пораст на популацијата, земајќи го предвид бројот на родените и умрените, е на најниско ниво и дека падна на 1,45 на илјада жители.

Владата во Пекинг е под сè поголем притисок да го спречи потенцијалниот пад на населението по повеќедецениската политика во врска со раѓањето и најновите притисоци, вклучително високите трошоци на животот.

Владата не го образложи драматичниот пад, но демографите порано укажуваа на релативно малиот број жени во репродуктивно доба и на сè поголемите трошоци за одгледување на семејство.

Популациските проблеми во Кина главно се последица на политиката на едно дете, која почна во 1980 година, и која траеше, со некои исклучоци,  до 2015 година, но тие се дел и од поширокиот процес што се забележува низ целиот свет, особено во источна Азија.

Останати вести