Во петок започнува„МАСО Куп Викторија 2026“

Фудбалот повторно ги обединува македонските клубови во Викторија. Во петок, 18 септември, на терените на „Keilor Lodge Reserve“ започнува новото издание на „МАСО Куп Викторија 2026“, турнир кој традиционално носи натпревари,  дружење и, пред сè, спортски дух.

Годинашниот домаќин и организатор е Сиднам Парк Македонија, кој ги пречекува македонските фудбалски екипи од Викторија на тридневно спортско дружење. Од 18 до 20 септември ќе се игра за трофејот, но и за чест да се биде најдобар на собирот на македонските фудбалски клубови во Викторија.

Во конкуренција ќе бидат девет екипи: Престон Македонија, Алтона Маџик Вардар, Џилонг Македонија, Пленти Вали Лајонс, Килор Волци, Шепартон Македонија, Лалор Јунајтед Слога, Паско Вејл и домаќинот Сиднам Парк Македонија.

Посебна приказна оваа година е Паско Вејл, кој за првпат ќе биде дел од МАСО Купот. Дебитантот ќе има можност да се претстави на големата сцена и да се обиде да ја изненади конкуренцијата.

Од турнирот, пак, ќе изостане Нобл Парк Македонија, единствениот клуб кој нема да настапи на овогодишното издание.

Три дена, девет екипи и една цел – трофејот на МАСО Куп Викторија 2026. Но, како и секогаш, победникот нема да се бара само во резултатите. МАСО Купот е празник на македонскиот фудбал во Викторија, место каде што ривалството на теренот се претвора во пријателство надвор од него.

Со нетрпение се очекува првиот свиреж во петок, кога повторно ќе оживее фудбалската приказна на македонските клубови во Викторија. Нека започне битката за МАСО Купот!

Останати вести