Во Собранието на Македонија во петокот (18 август) започна пленарната седница за уставните амандмани. Дневниот ред беше усвоен со 70 гласови “за“ и 47 “против“. Премиерот Димитар Ковачевски ги “бранеше“ поднесените уставни измени кои се однесуваат на додавање на делови од народи во Преамбулата и членовите 49 и 78 од Уставот, кога се набројуваат делови од народот во државата.
– Во текстот: „Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и други“, е ставена запирка по бошњачки народ и се додава: бугарски народ, хрватски народ, црногорски народ, словенечки народ, еврејски народ и египќански народ, рече премиерот.
Целата дебата во петокот траеше само околу 3 часа. Имаше пријавено вкупно 8 говорници, но тројца се откажаа. Откако се исцрпи листата на пријавени, собранискиот спикер не премина на гласање за фамозното внесување на Бугарите во Уставот иако од опозицијата го повикуваа да го стави предлогот на гласање. Џафери ја прекина седницата и најави: „за продолжението ќе бидете дополнително известени.“
Измената на Уставот е процес кој има три етапи. Првата е да се усвои потребата од измена – за што треба најмалку 80 пратенички гласа.
Како што е наведено во член 196 став 1 од Деловникот, предлогот за пристапување кон измена на Уставот се разгледува на седницата на Собранието во целина (не може да има измени), а која не може да трае подолго од десет работни дена. Доколку не е присутно потребното мнозинство, постапката не може да продолжи.
– Предлогот за дополнување на Уставот има само единствена релација и мотив – влез во ЕУ, тоа што го бара и очекува огромното мнозинство на граѓаните. Предлогот е наш, македонски, базиран на европскиот предлог и договор од 2022 година, со кој државата после долги години чекање конечно ги отвори преговорите за членство.
Напишан е тука во Скопје, каде и се дебатира во Собранието. Ги отфрлам лажните тези дека постои диктат од било кого за било што. И најважно од сè, Уставните измени кои се пред вас не загрозуваат ниту едно македонско идентитетско прашање. Предлогот не задира и не се однесува на било кое македонско идентитетско прашање.
И тоа е целосно јасно, јасно на сите во државата.
Во Брисел, во Европската комисија, Скринингот тече на македонски јазик и тоа многу успешно. Ние мораме да продолжиме и понатаму, да ги отвораме и затвораме поглавјата, едно по едно. Тој процес е суштински затоа што треба да нè промени, да нè трансформира, да нè направи поуспешни.
Тоа е наша одлука, наша потреба и за тоа одлучуваме ние во Скопје, а не во Брисел, а најмалку во Софија. Имаме соодветна преговарачка рамка која е фиксна. Нови барања нема, а билатералните прашања не се пречка и нема да бидат понатаму поврзани со исполнување на заедничките стандарди. Со исполнување на преземените обврски од европскиот предлог лани, цврсто знаеме дека ново вето, од било кој и за било што, нема да има, истакна Ковачевски.
– Избори ќе има следната година, и граѓаните, а не вие 120 почитувани пратеници, ќе одлучат за резултатите, така како што е редот во демократска држава! До вас можам човечки да повикам и да апелирам на разум, совест, чесност и водење од општите, а не од лични интереси. Што и да направите, одговорност имате, но првата одлука, ве прави заслужни за прогресот, а втората одговорни за штета на државата и граѓаните, им порача премиерот на пратениците.