Православните верници во Република Македонија и годинава ја продолжија вековната традиција на положување на крстот во осветените води. Скопската православна епархија при МПЦ-ОА го организираше традиционалното осветување на водите на реката Вардар и чинот на положување на Чесниот крст. Манифестацијата се одржа на мостот „Слобода“, кај хотел „Холидеј ин“.

Кристијан Нинески беше најсреќниот меѓу многубројните верници кои скокнаа во реката Вардар и го извади осветениот крст. Нинески досега осум пати учестувал на манифестацијата, а ова е трепат како го фаќа крстот.lg.php.gif Беше даруван од архиепископот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) г.г. Стефан, од градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска и од повеќе спонзори на манифестацијата, кои му посакаа добро здравје и многу успеси.
Васко Довлев од Варош го извади светиот крст од водите на Охридското Езеро пред многубројните верници. Митрополитот Дебарско-кичевски и Плаошки г. Тимотеј го положи крстот во Охридското Езеро, а потоа го благослови Довлев, кој доби и пригодни подароци. Годинава за празникот Богојавеление – Водици околу 400 капачи беа пријавени, но како и секоја година влегоа поголем број верници во Охридското Езеро. Иако дуваше силен ветер, надворешната температура беше 12 степени во Охрид.

Битолчанецот Лука Дамчевски во првото свое учество на Водици успеа да го пронајде положениот свет крст во водите на црковниот базен на Храмот „Св. Великомаченик Димитриј“. Пред голем број верници чиноначелствуваше митрополитот преспанско-пелагониски и администратор австралиско-новозеландски г. Петар, на сите им посака добро здравје и го положи светиот крст кој го бараа 25 учесници, а најсреќен и највешт беше средношколецот Лука Дамчевски.
Во Прилеп 14-годишниот Марко Ристески беше најсреќниот меѓу верниците, кој го фати светиот крст од осветените води на базенот во дворот на прилепската црква „Свето Благовештение“. Учествуваа 19 момчиња и една девојка од 10 до 16-годишна возраст. Марко Ристески и лани го фати Светиот крст. Тој доби подароци од црквата, од локалната самоуправа и од спонзорот „Зегин“ кој му додели ваучер во вредност од 12.000 денари. Исто така доби и телевизор.
Во Гостивар Светиот крст што беше положен во водите на Вардар го фати Роберт Исаиловски, студент по социјална работа, од триесетината гостиварци кои влегоа во реката. Прославата на празникот во Гостивар ја обнови митрополитот г. Јосиф во 2015 година по речиси седум децениска пауза.

Професионалниот војник Борислав Кузмановски(23) го фати крстот во Соборниот Храм „Свети Никола“ во Куманово. Тој беше најсреќен меѓу педесетина верници во водата. Скокаше по трет пат, а сега му се посреќило. Доби подароци и телевизор од градоначалникот Максим Димитриевски.
Бигорскиот манастир организираше фрлање на крстот во Радика каде учествуваа 200 луѓе во извлекувањето. Најуспешен беше Томица Петкоски.
Во Кичево, пак, на свечената манифестација по повод Богојавление најсреќен беше Алек Хлоупек (24) кој го извади Светиот крст од градскиот базен. На овој настан учествуваа 27 скокачи, меѓу кои за првпат и две девојки.

При осветувањето на водите на река Брегалница во Делчево најсреќен и највешт беше Дејвид Велковски. Нему му успеа од дваесетината момчиња кои се фрлија во студените води на река Брегалница да го фати Светиот крст. Досега има учествувано шест пати, а ова му е прв пат како го фати Чесниот крст.
Во штипско Ново Село немаше фрлање на крстот туку лицитација
Во црквата “Успение на Пресвета Богородица“ во штипско Ново Село немаше фрлање на крстот во вода туку се организираше лицитација. Еден верник за 95 илјади денари (А$2,500) го купи крстот.
Лицитацијата беше заглавена на околу 6.000 денари кога свештеникот објасни дека парите остануваат за потребите на црквата – за струја, додатни трошоци па некојм да не помисли дека тие пари се за поповите. Тогаш понудите се зголемија и најголемата стигна до 95.000.
Чинот на лицитација среде црква предизвика поделени мислења на социјалните мрежи. Праксата на одржување на лицитации со години е присутна во нашите цркви, но според некои станува збор за еден неумесен чин.
