Водици низ Македонија

И оваа година се потврди дека најголемата манифестација за Водици се одржува во Охрид. Таму се собраа повеќе илјади верници од земјата но и гости од сранство кои сакаа да бидат сведоци на овој настан.

Никола Јакимоски го фати светиот крст во Охрид.  Toj посака здравје и среќа за сите, а заедно со другите кои се фрлија во водите на Охридското Езеро испеаја пригодна црковна војорданска песна.

– Скокам по крстот од својата 15-та година и како сите имав желба да го фатам. Оваа година среќата ме посака мене. Секогаш е тешко да се влезе во студените води, ама желбата е поголема од тешкотиите. Посакувам здравје, среќа, љубов, свадби, дечиња, напредок на сите полиња, рече 29-годишниот Јакимоски.

Свештеникот кој ги освети водите потенцираше дека овој Никола (кој годинава го фати крстот), не е од Варош. Голем број верници го следеа настанот.

Традиционално, најсреќниот и оваа година беше даруван. Владиката дебарско-кичевски Тимотеј го даруваше со златен ланец со крст, а градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков му подари икона и крст изработен во филигран.

Скопје

Светиот крст во Скопје, фрлен во Вардар од страна на Архиепископот охридски и македонски г.г, Стефан, го фати 17-годишното момче Ѓорѓи Николовски. Тој повика на обединување на македонскиот народ. Надојдениот Вардар го отежна пливањето на учесниците, а по завршувањето на манифестацијата, повеќе екипи ги извлекуваа луѓето со чамци и јажиња од реката. Во главниот град имаше над 150 учесници.

Велес

Во осветените води на Вардар кај Малото Мовче во Велес од 91 пријавени, меѓу кои и една девојка, крстот го фати 22-годишниот велешанец Игор Јорданов од населбата Потокот. Тој првпат влегува во Вардар за Водици со својот другар Александар Анастов по крстот и вели дека е пресреќен, а на сите православни верници им посака многу здравје и среќа.

Владиката Повардарски му подари златен крст и библија, а доби и ваучер од градоначалнокот Колев и други подароци од бројни спонзори и од кумовите. Тој во наредните 30 дена со осветениот крст ќе ги посети домовите на православните верници во Велес за здравје.

Годинава настанот го проследија повеќе илјада граѓани. Освен на кејот од левата страна, голем дел од нив стоеја и на новиот кеј од десната страна на Вардар.

Преспа

Kристијан Карапалевски од селото Дрмени е среќникот кој успеа да го извади осветениот крст од Преспанското Езеро. На традиционалната манифестација што се одржа во туристичката населба Отешево, младиот Карапалевски беше најсреќен од дури 71 учесник кои влегоа во осветените води на Преспанско Езеро. Меѓу учесниците имаше и девојки.

Градоначалникот на Општина Ресен, Јован Тозиевски, на Карапалевски му додели ваучер, а пригодни награди доделија и поддржувачите на манифестацијата „Водици 2024“.

Битола

Честа да го извади крстот од осветената вода на крстилницата во црквата “Св. Димитрија“ во Битола ја имаше Иван Стојановски од Битола, кој се натпреваруваше за таа чест заедно со уште дваесетина момчиња.Во базенот во форма на крст во водата во црковниот базен светиот крст го спушти митрополитот преспанско-пелагониски и адиминистратор австралиско-новозеландски г. Петар, кој го даруваше Стојановски.

И градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, присуствуваше на прославата на Водици. Тој му честита на Лука и го покани во неговиот кабинет на прием, а ќе биде награден со парична награда и икона од заштитникот на Битола “Свети Нектариј Битолски“.

Прилеп

Први во Македонија, уште во 5:30 часот утрината, група на ентузијасти и верници од Прилеп влегоа во осветените води на ладното Плетварско езеро. Ова беше по 4 пат на ваков некарактеристичен и уникатен начин да го дочекаат и одбележат празникот Богојавление.

Но немаше натпревар во фаќање на крстот туку во водата беше оформен дрвен крст во кој (откако свештеникот го изведе чинот за осветување на водата), секој од верниците еден по еден влегуваа во езерото. Слипно како што во северот на Русија се прави крст во мразот и во студената вода верниците по трипати се потопуваат.

– Група спортисти одлучивме да го одбележиме овој празник на еден постар и потрадиционален начин. Тука нема фрлање по крстот туку сите верници кои присуствуваат тука влегуваат еден по еден во осветените води, истакна Дарко Неданоски, организатор на настанот.

Десетината верници кои влегоа рекоа дека водата не е толку ладна колку што сите замислуваат, но „се чувствуваш исполнет и полн со верба во Бога“.

На Големиот Богојавленски Водосвет, кој по пауза од 3 години се случи на еден од градските базени во Прилеп, крстот го фати 24 годишниот Влатко Орданоски кој веќе 2.5 години живее во Германија, но си доаѓал дома за сите поголеми верски празници. Вели дека можеби ова е знак да му се исполни желбата после неколку години да се врати дома.

– Нормално, планирам во следните 7-8 години да се вратам секако, можеби и побрзо здравје Господ. Сега верувам многу во Господ пред се, баш и вчера си ја купив Библијата, сакам да ја прочитам и здравје Боже наскоро сакам да се вратам тука, изјави Влатко.

За да влезат во осветените води на базенот се пријавија 124 прилепчани, од кои 14 беа девојчиња, а останатите момчиња, сите претежно млади лица.

Струга

Четириесет и тригодишниот Дарко Паскоски од Струга беше најсреќен меѓу големиот број верници што скокнаа во студените води на реката Црн Дрим и го извади светиот крст.

За Паскоски ова е четврти пат како го вади светиот крст.

– Секоја година за Богојавление скокам по крстот во светите води на реката Црн Дрим. Четврти пат го фаќам и сакам традицијата да продолжи и крстот да влезе во секој дом, истакна Паскоски.

Очекува светиот крст да му донесе среќа и да го освети неговиот дом, како што било и претходните години, кога секое фаќање на крстот носело нешто убаво во неговото семејство.

Тој беше даруван со пригодни подароци од црквата, кумот на манифестацијата и спонзори.

Чинот на осветување на водите го изврши митрополитот Дебарско-кичевски и администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, кој од Чаршискиот мост во Струга го фрли светиот крст во водите на реката Црн Дрим.

На Богојавленската манифестација во Струга покрај големиот број верници присуствуваа и градоначалникот Рамиз Мерко и претставници од власта и опозицијата.

Штип

Оливер Стојанов е среќникот кој годинава го извлече светиот Крст од осветените води на река Брегалница во штипската населба 8 Ноември. Меѓу стотината момчиња тој беше највешт и за прв пат успеа да го фати живототворниот крст.

– Ова ми е четврта година што се фрлам и годинава бев најбрз. Бев упорен. Му благодарам на Бога, изјави Оливер Стојанов

Традиционално еден час претходно Чесниот Крст се фрлаше и во штипско Ново Село. Таму најуспешен од триесетината фрлачи беше новоселецот Ристе Атанасов, кој девет години учествува во овој свет чин.

– Имам 33години се фрлам 9години и сега прв пат успеав да го фатам. Очекувам здравје и бериќет, изјави Ристе Атанасов.

Двајцата од свештенството добија икона и библија, како и пригодни подароци од Општина Штип.

Останати вести