Вредните икони украдени пред повеќе од деценија гнијат во Албанија оти Македонија ги заборави

Дваесет икони од непроценлива вредност, украдени од македонски цркви, скапуваат по депоа во Албанија оти државата со години не си ги барала назад, извести “А1он.мк“. Меѓу нив има дела на Дичо Зограф, иконостас со икони од св. Јован, св. Петар; Исус Христос, св. Павле, св. Лука, св. Јаков, св. Тома од 19 век. Иконите се украдени пред 12 години од цркви во Западна Македонија и однесени во Албанија. Албанските власти ги фатија крадците во 2013 (потоа и ги осудија), а велат дека истовремено ги известиле и надлежните македонски институции за пронајдените икони. Побарале документација за секоја икона засебно но иако тогаш од МНР тврдеа дека итно ќе одговорат од кај нас тие првпат биле официјално побарани седум години подоцна, односно во 2020 година.

Нема образложение зошто толку се чекало, но дури и сега, кога официјално се бараат назад, постапката се влече трета година, а местата на украдените икони во дел од црквите зјаат празни.

Од црквата “Св. Никола“ во Радожда е украден речиси целиот иконостас, останале само две-три икони. Домаќинот Скрчески вели дека местата на украдените икони повеќе од една деценија се празни.

– Кршеа прозорци за да влезат, вратата ни ја искршија за да излезат. Украдени се и во Св. Архангел Михаил, земени се икони што беа вредни, одбрани, вели за “А1он.мк“ домаќинот Миле Скрчески кој ги одржува црквите во Радожда.

Прв обид да ги врати иконите во Македонија, откако во Албанија имало пресуда, имала обвинителката Маја Конеска. Таа учествувала во нивната идентификација кога крадците биле фатени. Албанските институции ја известиле дека е ненадлежна да ги бара иконите.

„Барањето не е основано со закон. Судот цени дека иконите ќе поминат во корист на албанската држава“, стои во одговорот на албанските власти од 2016 година.

Повеќе вредни икони изработени од 16, 18 и 19 век, како и реставрираната престолна резба, беа украдени во 2013 од црквата „Свети Георгиј“ во село Лазарополе

Надлежна институција за враќање на македонското културно богатство е Министерството за култура. Таму се сменија четворица министри: Елизабета Канческа-Милевска, Роберт Алаѓозовски, Асаф Адеми и Хусни Исмаили, кои додека раководеле со Министерството не почнале процедура за враќање на иконите.

Во 2020 година Ирена Стефоска е првата министерка која ја почнала постапката, која е далеку од завршница.

„Постапките за реституција на културното наследство се обременети со низа формалности и со поднесување релевантни докази од страна на државата која бара враќање на незаконски изнесеното културно наследство од нејзината територија што влијае на пролонгирање на рокот за завршување на постапката“, изјавиле од Министерството за култура во мај минатата година.

За Министерството за надворешни работи, пак, кое е посредник во враќањето на иконите, постапката “само што не завршила“.

„Постапката за враќање на споменатите предмети, кои претставуваат културно богатство на државата, е во завршна фаза, меѓутоа одложена е поради пандемијата. Постапката е почната во 2020 година и првично беше иницирана и координирана од страна на Министерството за надворешни работи“, велат од МНР.

Надеж дека иконите ќе се вратат по 12 години нема ниту кај селаните во Радожда. Тие си нарачале и платиле нови, ама и нив ги чекаат еве три години.

Дел од иконите од непроценливо богатство се и оштетени. Албанските медиуми во неколку наврати изминатите години известуваа и дека иконите биле несоодветно транспортирани.

Освен црквите во Радожда, иконите во Албанија кои Македонија си ги заборави треба да бидат вратени во цркви во Буринец и во Селце од Струшко и Ѓавато и Перово од Битолско.

Останати вести