Грозоморни убиства на банда прикриена под плаштот на политичка партија

Истражувајќи го исчезнувањето на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје полицијата реши два случаја одеднаш. За жал, во двата случаја се работи за грозоморни убиства.

Моментно пет лица се осомничени за грабнувањето и ликвидацијата на 14-годишната Вања и на 74-годишниот Панче Жежовски, фризер од Велес. Четири лица се во притвор (меѓу нив и таткото на малолетничката) додека лицето за кое се верува дека е водач на групата и оној што своерачно ги застрелал од пиштол жртвите е во бегство.

Животот на 14-годишната Вања Ѓорчевска заврши трагично во плиток гроб покрај скопското село Бразда, во полите на Скопска Црна Гора. Нејзиното тело е откопано на 3 декември, на седмиот ден откако беше грабната во влезот на зградата во која живеела заедно со мајката и сестрата. Таткото Александар Ѓорчевски, кој повеќе години бил разведен, се сомничи дека имал пасивна улога во пеколниот план на групата организирана од Љупчо Палевски-Палчо. Имено, таткото е наркоман и коцкар задолжен преку гуша и на Палчо му раскажувал за тоа дека поранешната сопруга била ќерка на богат татко кој и оставил повеќе станови во наследство. Еден од тие станови бил продаден за 50.000 евра и бил скован план за да се домогнат до тие пари – преку грабнување на постарата ќеркичка Вања. Таткото Александар бил извор на податоци а групата на Палчо тргнала во егзекуција на нивниот пеколен план.

Утрото на 27 ноември околу 7:20 часот ја сочекале деветтоделенката Вања во влезот на нејзината зграда, ѝ биле врзани рацете, нозете и устата па била ставена во вреќа за спиење и уфрлена во багажникот на „ситроенот“ кој групата го одзела од убиениот Жежовски. Не беше прецизирано колкумина ја „пакувале“ Вања во влезот, но се знае дека киднаперите имале уште едно возило марка „рено кангу“. Веднаш потоа двете возила се упатуваат кон селото Бразда, на пат од 14-15 километри.

Според првичните информации од министерот за внатрешни Оливер Спасовски и првиот човек на Јавното обвинителство-Скопје, Гаврил Бубевски, Вања набрзо потоа, околу 10 часот, веќе била убиена со пиштол. Уапсените посочиле дека пукал Палчо а наводно ја убил исплашен од доказите до кои може да дојде полицијата на веќе започната обемна истрага по пријавата.

Групата монструми веднаш го закопале девојчето во атарот на скопско Бразда и го запалиле „цитроенот“.

Како можеле киднаперите да се исплашат од потрагата утрото кога таа започна дури попладнето!?

Во верзијата на ЈО и МВР постојат некои нелогични места. Особено објаснувањето дека Вања е убиена толку кратко време по киднапирањето бидејќи монструмите се исплашиле од потерата. И затоа решиле барањето на откуп да го остават за понатамошните денови.

Но првото пријавување дека ќерката е најверојатно киднапирана (се сомневала) во полиција го прави телефонски мајката Зорица веќе околу 8:30 часот, откако наставничката од школото „Ј.Х. Песталоци“ (преку групата на родители од класот на интернет) ја известува дека девојчето не дошло на училиште. Втората пријава, со лично присуство, ја прави таткото Александар Ѓорчевски околу 11 часот во ПС Центар. Дури попладнето започнуваат првите полициски активности.

Во тоа време девојчето веќе со часови било мртво. Кој им јави на киднаперите дека полицијата веќе ја бара Вања?! Во јавноста таква информација немаше!

Исто така има сомнеж како е можно девојче кое е високо 175 сантиметри да биде изнесено од влезот во вреќа и пикната во возило без тоа никој да го забележи. Една од тезите беше дека девојчето всушност влегло во автомобилот само – веројатно поради тоа што во возилото имало некој кому таа му верува – можеби некој од егзекуторите или дури нејзиниот татко Александар. Мобилниот на Вања е исклучен по 7 минути. На прес-конференцијата Бубевски беше категоричен дека девојчето е грабнато во влез и во вреќа однесено во автомобил…

Понатаму, има неофицијални информации дека Вања всушност се задушила (можеби од лентата со која и била затворена устата и носот) уште во багажникот на „ситроенот“. А испукувањето на куршумот било само „оверување“.

Да биде приказната уште помонструозна, има сомнежи дека Палчо телефонски веќе го имал известено таткото Александар дека девојчето е мртво и дека уцената за пари пропаѓа. Тогаш тој, околу 11 часот, за да си обезбеди алиби, оди во полициска станица и го пријавува исчезнувањето на ќерката.

Остана некажано како тоа полицијата по шест дена обемна истрага дошла до откривање на групата монструми, тоа допрва ќе дознаеме. Беа споделени само податоци дека се користеле камерите од системот „сејф сити“ за откривање на претходното движење на „ситроенот“ и другото возило (на 27 ноември утрото).

Според јавниот обвинител Гаврил Бубевски неспорно е дека уапсените се непосредни учесници во двете убиства (на Вања и на Панче) зашто точно ги посочиле местата каде што се закопани телата. Ги опишале двата случаи во детали. А како убиец е посочен Љупчо Палевски – Палчо кој убиствата ги вршел пред два различни сведока. Мотивот за убиствата, како што посочија од ЈО, е користољубие.

Посебно треба да се нагласи дека сите непосредни учесници се членови на политичката партија Десна, на чие чело е Палчо.

– Го имаме признанието на осомничените кој е за што одговорен, изјави Бубевски. Тој потврди дека освен во полицијата, осомничените искази со признание дале и пред јавен обвинител, во присуство на нивните адвокати. Тоа значи дека подоцна нема да можат да се бранат дека признанието им е извадено со ќотек од полицијата.

Иако тројца од осомничените признале вина, четвртиот –  таткото на Вања – и натаму негира било какво учество но, како што поочи обвинителот Бубевски, располагаат со докази кои ја потврдуваат неговата вмешаност.

– Убиството на детето е со знаење на таткото со цел да се изнудат пари од мајката, потврди Спасовски.

Три дена по убиството на Вања и шест дена по убиството на Панче, на 30 ноември убиецот Палчо заминал со адвокатот со возило во Белград, а оттаму можеби во Бугарија или Турција, кажа Бубевски.

Останати вести