Д-р Сашко Кедев: „Пациенти во Македонијасе подложуваат на непотребни срцеви операции заради профит“

Интервентниот кардиолог и професор на Мединцинскиот факултет, академик Сашко Кедев искажа сериозни обвинувања – дека приватни болници изведуваат ризични кардиолошки интервенции без медицинска потреба.

– Најголем дел од мојата консултативна активност е во одвраќање луѓе од непотребни интервенции, непотребни стентирања, непотребни операции. Ние во моментот се соочуваме со нешто застрашувачко, а тоа се тие непотребни интервенции што се профитно ориентирани. Имаме пролиферација на приватни болници, на кои што интересот им е профитот. Тоа се лесно докажливи работи, ние имаме докази дека одредени центри треба да се затворат од медицински аспект. Ни доаѓаат  пациенти за второ мислење откако им било препорачано да добијат стент или да им се изврши хируршка операција, но кога ќе им ги видите наодите се гледа дека воопшто нема потреба од такви нешта. А колкумина воопшто не побарале второ мислење туку веднаш прифатиле интервеција? Да се случува тоа во Англија или во Америка – тоа ќе биде под клуч. Оперирале без потреба, сечеле граден кош без потреба, имаме докази за тоа. Тоа е фасцинантно нешто, за што релевантните институции треба да преземат нешто, пред се Министерството за здравство и Фондот, бидејќи тие плаќаат некои од овие интервенции. Зборуваме за многу сериозни етички проблеми, поврзани со профит, рече д-р Кедев во гостувањето на „Канал 77“.

Тој не спомна ничие име, но водителот на интервјуто ги кажа единствените две приватни клиники кои вршат интервенции на срце: „Аџибадем Систина“ и „Д-р Жан Митрев“.

Првата веднаш реагираше и првично се закани со тужба доколку д-р Кедев не објави кој тоа оперирал за профит а не за лекување. Потоа ја ублажи заканата и се приклучи кон повикот надлежните да истражат и јавно да ги обелоденат резултатите.

Од „Д-р Жан Митрев“ воопшто не реагираа.

По се изгледа, како што тргнаа да се одвиваат работите ниту ова тема нема да има транспарентност во процесот.

ФЗО воопшто не плаќа за стентирање кон приватните клиники

– Апелирам секој граѓанин кој е оштетен или мисли дека е оштетен да поднесе претставка со свои аргументи. Само така можеме конкретно да постапиме. Илјадници пациенти се стентирани и невозможно е досие по досие да се проверува без официјални пријави, рече директорот на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Сашо Клековски.

Тој нагласи дека ФЗОМ воопшто нема договори за стентирање со приватните клиники „Жан Митрев“ и „Систина“ зашто капацитетите за интервентна кардиологија во јавните установи се доволни – во Скопје, Тетово, Битола, Штип и Охрид. Фондот склучува договори со приватните здравствени установи само во области каде што нема јавен капацитет.

– Кардиохирургијата има договори со „Жан Митрев“, „Систина“ и со државната Кардиохирургија, како и со одделите за васкуларна хирургија во други клиники. Контроли правиме редовно, но само за она за што имаме договор, вели директорот на ФЗОМ.

Клековски потенцира дека досегашните жалби до Фондот се однесувале на наплата на приватни средства, а не на стручниот дел на интервенциите. Досега се направени девет вонредни контроли и во сите случаи пациентите дале писмена согласност дека ќе платат за побрз зафат. Немало жалби за стручноста на интервенциите, а во однос на тоа дали некој зафат бил навистина неопходен, тоа може да го процени само стручна комисија од експерти.

Министерството ќе формира комисија со тројца странски стручњаци

Во врска со изјавата на д-р Кедев дека во земјата се прават непотребни кардиолошки интервенции, министерот за здравство Азир Алиу вели дека е формирана интерна комисија, а дополнително ќе се направи и независен стручен надзор со тројца експерти од ЕУ-земји (двајца од Словенија и еден од Австрија). Нивниот извештај ќе биде јавно достапен и ќе претставува основа за евентуални законски измени или воведување нови протоколи.

– Мора да имаме податоци да видиме дали тие индиции се точни и ако се точни, што понатаму, вели министерот.

Министерството веќе располага со база на податоци за сите кардиолошки интервенции од 2019 до 2025 година. Според бројките за оваа година, во Охрид се направени 493 интервенции, во Државна кардиохирургија 105, на Клиниката за кардиологија 1.488, во „Аџибадем Систина“ 531, а во „Жан Митрев“ 939.

Министерот вели оти од 15 септември приватните здравствени установи ќе бидат обврзани да ги отворат базите со информации, со цел Министерството за здравство да ги агрегира сите податоци за пациентите.

На крајот Алиу кажа и дека ќе оствари средба со д-р Кедев и оти нема да брзаат со целата постапка бидејќи согласно нивните внатрешни анализи немаат индиции за такви случаи кои се архивирани или, пак, податоци кои се јасно читливи.

Останати вести