Двојни избори на 8 мај, техничката влада на 28 јануари

ДУИ ќе го даде премиерот на техничката влада

По неколку месеци политичко натегање лидерите на парламентарните партии во понеделникот на лидерската средба се согласија дека на 8 мај ќе се одржат двојни избори: вториот круг од претседателските и парламентарните. Тој датум беше единствено можен за да се овозможи парламентарните избори да бидат во нивниот редовен термин, а претседателските да завршат до истекувањето на мандатот на Стево Пендаровски на 12 мај.

Првиот круг од претседателските избори ќе биде на 24 април.

И првиот круг на претседателските и двојните избори ќе бидат во среда – ќе бидат прогласени за неработни денови.

Ова беше направено за да се избегнат и двата големи верски празници кои паѓаат во деновите претходно.

Информацијата за постигнатиот договор ја соопшти премиерот Димитар Ковачевски по тричасовната средба во Собранието.

– Конечно, после 17 години ќе имаме редовни парламентарни избори, а тоа говори за добрите владини политики, рече тој.

Ковачевски објави и дека ќе биде испочитуван и договорот со ДУИ по изборите во јули 2020 дека ќе има техничка влада на чие чело ќе биде Албанец. Таа влада ќе се формира на 28 јануари, сто дена пред изборите.

Премиерот рече дека на средбата информирал за процесот на скринингот кој се одвива успешно и според утврдената динамика.

– Нашата цел е Македонија да биде првата држава од Западниот Балкан што ќе влезе во ЕУ, рече Ковачевски.

Останати вести