Власта и опозицијата се блиску до договор за заеднички избори, тврди шефот на државата Стево Пендаровски. Тој вели дека конкретните датуми ќе бидат објавени во наредните неколку дена.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, тврдат дека датумот за избори се уште лебди и нема никакви консултации за него. Потпретседателот на партијата Александар Николоски вели дека не може да му се верува на претседателот Пендаровски.
Тој вели дека пред да се договори датумот, партиите од власта и опозцијата веројатно ќе се договорат за измени на Изборниот законик поврзани со препораките на ОБСЕ/ОДИХР. Време и волја за една изборна едница кај власта, според Николовски, нема.
Од владејачката ДУИ се уште на ставот дека заеднички избори се подобро решение, но дека за нив е прифатливо се што партиите ќе договорат со консензус.
Иако премиерот и лидер на СДСМ Ковачевски најави работна група со опозицијата за датум за избори, засега од оваа партија молк дали изборите ќе бидат одвоени или пак, заеднички.
И претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, потврди дека на Илинденска се согласиле за заеднички претседателски и парламентарни избори.
– На Ковачевски му требаше да биде охрабрен од Али, Буjар, од Арбен за конечно да ја сфати реалноста. Ја поздравувам таа одлука на коалиционите партнери во владата и претпоставувам дека деновиве бргу ќе биде и датумот, изјави лидерот на ВНРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за време на посетата на Струмица.
ВМРО-ДПМНЕ го предложила 8 мај за датум на парламентарните избори (доколку бидат редовни), заедно со вториот круг од претседателските (на 24 април првиот круг на претседателските избори).
– Доколку пак парламентарните избори бидат вонредни (се одржат малку предвреме) цениме дека 14 април со 31 март се добри датуми за одржување на претседателски и парламентарни избори, рече Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ е убеден дека за неколку месеци отсега неговата партија ќе ја формира идната влада а тој ќе биде премиер. Но истовремено повикува на масовност, граѓаните да застанат заедно со ВМРО-ДПМНЕ затоа што, како што вели, голема победа со 61 пратеник ќе значат спроведување на реформи и трансформација на Македонија, која се празни.
– На Македонија не и требаат козметички туку суштински реформи со кој што ќе се трансформира како држава. Доста е од циркузанти во политиката, доста е од политички криминалци-измамници, треба конечно да дојдат луѓе кои што имаат јасна визија, стратегија и знаат како. Доаѓаат политичарите, даваат ветувања, не ги реализираат тие ветувања. Нереализирањето на тие ветувања подразбира разочарувања, луѓето си заминуваат од Македонија, Македонија се празни. Една држава која што ќе се испразни практично го доведува под знак прашање и нејзиното постоење, рече Мицкоски.