Деградација на македонскиот јазик дома: Уште повеќе е намален бројотна часови по македонскиво наставата на малцинствата

Парадоксална е и самата состојба што македонскиот јазик, кој е официјален јазик во Македонија, учениците од малцинските етнички задници што следат настава на својот мајчин јазик почнуваат да го учат во наставата дури од четврто одделение, додека, пак, странски јазик (најчесто англиски), почнуваат да учат во наставата уште од прво одделение, констатира „Нова Македонија“.

Годинава се случува уште нешто друго. Во сенка на почетокот на учебната година со неиспечатени учебници за трето и шестто одделение остана намалувањето на бројот на часови по македонски јазик во шесто одделение во наставата за учениците од етничките заедници што образованието го стекнуваат на својот мајчин јазик. Имено, од оваа учебна година, наместо три часа неделно македонски јазик, „дружењето“ со него ќе се одвива само во два часа.

Ова им било (полу)официјално соопштено на наставниците што предаваат македонски јазик во т.н. етнички училишта (најмногу во западна Македонија – Тетово, Гостивар, Струга…) на онлајн обуката од Бирото за развој на образованието (БРО), за примена на новата концепција за шесто одделение, неколку дена пред почетокот на учената година.

Последиците од овие измени имаат два аспекта: едниот е дали со намалувањето на бројот на часови во наставата за учениците од етничките заедници, практично се намалува, потиснува значењето на македонскиот јазик, како официјален јазик на целата територија на Македонија? Вториот аспект е професионално-егзистенцијален, зашто практично на наставниците по македонски им се намалува и фондот на часови што ќе се одрази и на платите.

Според наставните програми за 2023/2024 година, подготвени од Бирото за развој на образованието, часовите по македонски јазик во наставата што се изведува на други јазици (каде што учениците од одредена етничка заедница се повеќе од 20 отсто) е предвидено да започнуваат од четврто одделение, па до крајот на основното образование, со завршување на деветто одделение. До минатата учебна година македонски јазик се изучувал со по два часа неделно во четврто, петто, осмо и деветто одделение, додека за шесто и седмо одделение биле предвидени по три часа седмично. Од актуелнава учебна година, со примената на новата концепција за шесто одделение, македонскиот јазик во наставата за етничките заедници е предвиден со два часа, а наставниците претпоставуваат дека од наредната година, кога ќе се „реформира“ и наставата за седмо одделение, и во таа година ќе биде намален бројот на часовите. Неизвесно е дали и понатаму, во другите одделенија ќе се намалува бројот на часовите по македонски јазик.

Потиснувањето на значењето на македонскиот јазик, преку намалување на неговата застапеност во образованието, оди само во прилог на општествената сегрегација. Намалувањето на бројот на часовите по македонски јазик во образовниот систем на Македонија само по себе имплицира на деградација на статусот на македонскиот јазик, како официјален јазик на државата, но и игнорирање и саботирање на толку нагласуваната потреба за интеграција во општеството и државните институции на сите етнички заедници, алармира „Нова Македонија“.

Останати вести