Деновиве доделување на мандатот а веќе се пребројуваат министерските места

Собранието стокмено, Мицкоски го чека мандатот меѓу 5 и 8 јуни. Дали Албанците како никогаш порано ќе имаат малку ресори? Пред гласање на Владата Собранието треба да измени закони со 2/3-ско мнозинство

Деновиве претседателката Гордана Сиљановска Давкова треба да му го даде мандатот за составување на Влада на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Потоа тој има уште 20 дена за пред Собранието да го стави на гласање списокот со членовите на неговиот кабинет. Како што се шпекулира во јавноста поделбата на министерските места помеѓу ВМРО-ДПМНЕ, „Влен“ и ЗНАМ е веќе завршена.

Но прво треба Собранието да усвои неколку измени во законот за влада и законот за локална самоуправа. Со првите ќе се озакони веќе договорената реорганизација на министерствата (некои се делат, други се спојуваат, трети се сосема нови) при што од досегашните 16 ќе станат 20 министерства. Заедно со премиерот и вицепремиерите идната Влада треба да брои 24 членови (досега беа 20). Покрај 20-те ресорни министри ќе има тројца без ресор и секако премиерот. Измените кај локалната самоуправа треба да овозможат актуелни градоначалници кои минале барем половина од мандатот да станат пратеници без да мора да се организираат нови градоначалнички избори по општините. На тој начин министри ќе станат Тимчо Муцнски (ВМРО-ДПМНЕ), Арбен Таравари („Влен“) па можеби и Максим Димитриевски (ЗНАМ).

Бидејќи за овие измени се потребни 80 пратеници, веднаш на дело ќе се види со каква „гласачка машинерија“ во Собранието располага идната нова власт.

Од таборот на „Европскиот фронт“ (предводен од ДУИ) деновиве се обидуваат да инсценираат слики дека албанската етничка заедница нема да биде правилно застшена во власта доколку таму е „Влен“.

Али Ахмети објави дека ќе се жали кај странците додека Зијадин Сеља од Алијанса за Албанците обвини дека коалицијата „Вреди“ добила „срамотно мал дел од колачот“ при преговорите за состав на идната влада.

„Во текот на овие три децении, Албанците воделе најмалку пет од 15 министерства, потоа шест од 15 ресори и на крајот осум од 16 министерства, без да се споменуваат министрите без ресор и вицепремиери. Се случува за прв пат Албанците да водат само четири министерства во најавената влада од ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН, и тоа четири од 16 министерства“, се наведува во соопштението од Алијанса на Албанците (АА) предводена од Зијадин Села.

Според нив, ситуацијата ќе биде уште полоша бидејќи ќе бидат четири министерства за Албанците од 19 идни ресори (а ќе бидат 20-з.н.).

Во одговорот од „Вреди“ велат дека добиле значајни позиции а оти концептот на математичко броење е надминат.

„Броењето ресори со кој раководат Албанци е концепт кој не донесе ништо добро за нашата кауза. Напротив, благодарение на политичката корупција на режимот на ДУИ, чии функционери ги гледаа ресорите како алатки за богатење наместо да бидат сервис на граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ на овие избори освои 58 пратеници и преговара од позиција на апсолутен победник во македонскиот политички блок“, велат од „Вреди“.

КАКО СЕ ПОДЕЛЕНИ РЕСОРИТЕ?

Првиот и вториот владин ешалон меѓу ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ се распределени, а привршуваат и разговорите со ЗНАМ за заменичките министерски места, како и поделбата на директорските функции.
„Вреди“ добива 5 ресори и 7 заменик-министерски места, 5 државни секретари, како и директорски позиции за кои сè уште се преговара. Неофицијално, „Вреди“ ќе ги добие заменик-министерските места што ги имаше ДУИ во владата на Димитар Ковачевски.
Извори од преговарачките тимови брифираат дека „Вреди“ (освен спикерското столче во Собранието) ги добива вицепремиерското и министерското место за животна средина со кое ќе раководи лидерот на Демократско движење, Изет Меџити. Со ресорот здравство најверојатно ќе управува Арбен Таравари, додека Бесар Дурмиши, претседавачот на тетовскиот Совет, ќе биде министер за економија и труд, а Фатмир Лимани од Беса ќе раководи со Министерството за социјална политика, потоа ексминистерот Адмирим Алити е во игра за евроинтеграции, а Бујаре Абази од Алијанса за ресорот за добро владеење.
Кај ВМРО-ДПМНЕ остануваат најтешките ресори (вкупно 13) и тоа: МВР, Министерство за финансии, за транспорт и врски, за образование и наука, за култура, Министерство за надворешни работи, за земјоделство, за локална самоуправа, за одбрана, за енергетика, како и за политички систем. Со ресорите политички систем и со земјоделие ќе раководат помалите коалициски партнери на ВМРО-ДПМНЕ – од партијата на Србите на Стоиљковиќ и од Социјалистичка партија.
ЗНАМ добива два ресора односно три министерски позиции: ресорот правда, новото министерство за администрација и едно без ресор.
Висок функционер од „Вреди“ брифира дека по изборот на Гаши за претседател на Собранието, генералниот секретар ќе биде од ВМРО-ДПМНЕ, додека потпретседателите на Собранието ќе бидат од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ. Иако СДСМ и ДУИ имаат по 18 пратеници, предност за потпретседател на Собранието ќе имаат социјалдемократите бидејќи на изборите освоија повеќе гласови од „Европскиот фронт“.
ВМРО-ДПМНЕ сè уште не пресекле дали Никола Мицевски пак ќе биде координатор на пратеничката група како што беше во претходниот парламентарен состав, додека координатор на коалицијата „Вреди“ ќе биде Халил Снопче.

Останати вести