Димитријевиќ нема да игра за Македонија и на стартот на квалификациите за СП 2023!

На хартија можеби најдобриот македонски кошаркар во моментов, Ненад Димитријевиќ (што, сепак, го нема докажано со игрите во дресот со национални обележја), речиси сигурно ќе го пропушти ноемврискиот квалификациски циклус за пласман на СП 2023 во кој ќе ја пречекаме Шпанија, а ќе ѝ гостуваме на Украина.

Причина за ова, сепак, нема да биде негова лична одлука да не го прифати повикот на селекторот Драган Бајиќ, каков што беше случајот во претквалификациите играни во август, туку неговото отсуство овој пат ќе биде поради повреда. Последните информации од неговиот тим Валенсија велат дека Димитријевиќ има повреда на задниот дел од бутниот мускул, добиена на неодамнешниот меч против Будуќност од Еврокупот, поради која најмалку шест недели ќе биде надвор од теренот. Паузата се поклопува со периодот во кој ќе требаше да биде со Македонија, ако прифатеше да игра, поради што вака има ситуација во која нема да може да им помогне на репрезентативни соиграчи од објективна, а не од субјективна причина како пред скоро три месеци.

Тогаш дури жестоко беше нападнат од челниците на КФМ како и од селекторот Бајиќ, кои посветија цела прес-конференција на неговото отсуство, кога беше кажано дека тој самиот „немал доблест да каже дека не сака да игра за Македонија“, што потоа се случи. Жолто-црвените и без негова помош ја минаа претквалификациската фаза против Словачка и Швајцарија и се најдоа меѓу најдобрите 32 селекции во Европа.

Македонската селекција на првиот дел од патот кон Мундобаскетот, покрај Шпанија и Украина, против кои игра во првиот циклус, е во група и со селекцијата на Грузија.

Останати вести