Документарецот „Нечиста крв“ со шокантни тврдења за клиниката Жан Митрев

Во Македонија се експериментирало на живи луѓе заразени со ковид кои потоа умирале!? Интрa-хоспиталните инфекции не се пријавувале!

Јавноста во Македонија беше шокирана од информации поврзани со начинот на работата на приватната клиниката “Жан Митрев“ и нејзиниот сопственик, д-р Жан Митрев за време на пандемијaта.

Новинарската организација ИРЛ (Investigative Reporting Lab) направи документарен филм насловен како „Нечиста крв“ за начинот на кој функционирала болницата во време на пандемијата со ковид-19 (2020/22), а конкретниот документарец е направен врз основа на трогателни сведоштва на граѓани од Македонија и Косово и 24 пријави за работата на клиниката.

Приватната клиника “Жан Митрев“ во Скопје беше една од најангажираните за лекување на најтешките болни од ковид, со преку 260 пациенти во секое време. Најевтиниот пакет за лекување чинел 12 илјади евра (околу А$18,000) во што биле вклучени и две хемофилтрации. Токму воведувањето на хемофилтрацијата (прочистување на крвта на пациентот) како “ефикасна експериментална метода за лекување на ковид“ е предмет на документарецот.

Според истражувањето на ИРЛ процентот на починати болни од ковид во “Жан Митрев“ бил над 27%, што е дури и повеќе отколку во државната Инфективна клиника (25.6%).

Скандалот е голем бидејќи на семејствата на болните кои лежеле во клиниката “Жан Митрев“ им се јавувале и им нуделе хемофилтрација за нивните најблиски: “Можете да одберете хемофилтрација за 3, 4 или 5 илјади евра. Тоа сигурно ќе помогне во лекувањето!“

Во документарецот беа дури прикажани и исечоци од медиумски извештаи во времето на пандемијата во кои д-р Жан Митрев ја рекламира хемофилтрацијатра како чудесен лек против ковидот.

Имало многу случаи кога роднините за да ги покријат високите болнички трошоци си ги продавале куќите, други имоти. А имало случаи и кога клиниката “Жан Митрев“ не го давала телото на покојникот додека на се плати сметката.

Според кажаното во документарецот “Нечиста крв“ високата смртност кај пациентите во оваа приватна клиника се должи пред се на појавата на сепса од интерхоспитални бактерии (наведени се најмалку пет кои биле докажано присутни, од кои и најлошата – ацинетобактер). А со хемофилтрацијата состојбата на пациентите станувала уште полоша.

Што е најстрашно, од “Жан Митрев“ ниеднаш и никому не пријавиле дека имаат интерхоспитални бактерии. Напротив, свесно криеле. Дури имало случаи кога се изготвувале извештаи за болни што требало да заминат на лекување во странство (конкретно случај за Швајцарија), а немало ни збор дека пациентот има пет бактерии.

Се правеле и неодобрени клинички испитувања

Но, покрај посочувањето за неетичното нудење скапа хемофилтрација а пациентите им умирале од бактериски инфекции, редакцијата на ИРЛ истражувајќи наишла на уште позастрашувачки податок: д-р Жан Митрев од почетокот на годинава објавил 5 клинички истражувања во разни медицински списанија и сите се однесуваат на испитување на хемофилтрацијата!? Конкретно на филтрите од американската компанија “Бактер“ (дел од корпорацијата која ја произведе вакцината Модерна).

Се испостави дека во “Жан Митрев“ правеле клинички испитувања врз своите пациенти нудејќи и наплатувајќи непотребни (и во случај на ковид бескорисни) хемофилтрации притоа без никого да известат. Ниту пациентите, ниту нивните роднини, ниту надлежните државни служби. Пациентите просто се користеле како „експериментални заморчиња“ а притоа им се наплаќале и голем суми на пари без да се известат дека се дел од медицинска студија.

Клиничките студии не биле пријавени во државната Агенција за лекови – МАЛМЕД. Клиниката на доктор Жан Митрев, не пријавила ниту една интрахоспитална инфекција во Центарот за јавно здравје, иако потресните сведоштва на семеjствата на пациенти кои се лекувале таму посочувале дека токму тие бактерии биле кобни по животите на нивните најблиски.

Реагираше Министерството за здравство, од каде побарале Државниот здравствен и санитарен инспекторат да изврши вонреден инспекциски надзор во Kлиничката болница „Жан Митрев“.

– Во земјата нема недопирливи, изјави министерот за здравство Беким Сали.

МАЛМЕД веќе иницирала вонреден инспекциски надзор за да утврди дали е почитувана постапката за клинички испитувања за хемофилтрација.

– За да се прават клинички испитувања треба да се добие дозвола, бидејчи државата е одговорна за здравјето на пациентите. Па и за да визите автобус ви треба дозвола а камо ли за испитување врз пациенти, изјави директорот на Агенцијата за лекови МАЛМЕД.

“Граѓаните се охрабрија да се вклучат во разоткривање на нечесните пракси кои со години директно ги загрозуваат човечките животи. Добивме повеќе од 150 нови пријави од граѓани кои имале исто или слично искуство. Пријавите од граѓани се однесуваат и на лекувања и третмани во други приватни и државни болници, а не само на болницата на Жан Митрев“, вели Сашка Цветковска, основач и одговорен уредник на ИРЛ

Реакција на „Жан Митрев“
Од менаџментот на Клиничката болница „Жан Митрев“ реагираа дека се објавени невистини и наведувачки инормации.
“Клиничката болница ‘Жан Митрев’ успешно работи за добробит на граѓаните веќе 22 години, нудејќи им услуги сертифицирани по светски стандарди, професионална грижа во насока на подобрување на здравјето, што е докажано во безброј успешни случаи. Ваквиот пристап продолжи да се применува и во текот на светската пандемија предизвикана од страна на вирусот ковид-19, во кој период клиниката со многу труд, волја и неизмерно себевложување од своите вработени придонесе за спасување на огромен број на човечки животи – велат од клиниката “Жан Митрев“.
Од таму додаваат дека се „згрозени од тенденциозниот говор на омраза, употребуван кон нивната институција, како и од неточните наоди, односно од фабрикуваните информации кои се насочени кон креирање на лажна слика во пошироката јавност за работата на клиниката“.
“Очигледно е дека овие лажни информации се креирани со намера за целосно искривување на фактите кои се однесуваат на долгогодишната успешна работа на клиничката болница ‘Жан Митрев’, каде што работат повеќе од 400 стручни и професионални лица под раководство на д-р Жан Митрев.
Во предиодот што следи здравствената установа ќе ги искористи сите правни можности согласно законите, да ги спречи овие и сите следни вакви и слични неосновани напади на институцијата.“

Останати вести