Во црковната сала на „Св. Петка“ во Рокдаел, се одржа модна ревија на прекрасните традиционални македонски носии од сите краеви на Македонија. Овој настан прв од ваков вид беше организиран и координиран заеднички од црквата “Св Петка”, КУД „Илинден“ од Сиднеј и помогнат од спонзорите, а сите приходи од се наменети за реновирање на двете кујни во црковните сали во Рокдаел.
Еден ден пред настанот женската секција, предводена од Лена Котевиќ, работеше напорно за да ја подготват салата за гостите. Програмата ја водеше Благојче Боби Јосифовски кој ги поздрави присутните и ги запозна со редоследот на истата. На сцената се појавија сегашни и поранешни членови на фолклорната група облечени во разновидни носии. Програмата беше збогатена со пеење од црковниот хор на “Св Петка” придружени со музички инструменти од друштвото “Илинден”. Присутните со бурни аплаузи ги наградија сите што настапија на бината со традиционални носии. Сите со своја посебна убавина рачно изработени од вредните раце на жените во тие времиња. Крис Карафилоски, претседател на “МКУД Илинден”, рече дека многу од носиите се оригинални и донесени од Македонија.
За да се организира еден ваков настан требаше да се работи повеќе недели, и посебно сакам да ги истакнеме Емили Карафиловска и Ангелина Стојановска кои беа дарувани со букет цвеќе. Претседателот на КУД „Илинден“ изјави дека вакво шоу треба да биде годишен настан за да го покажеме нашето културно богатство не само пред нашата заедница туку и пред другите заедници во Австралија, со што ќе го промовираме нашиот идентитет и културното богатство.
По завршување на програмата имаше пригоден ручек за присутните. Во долната сала на црквата од Љупчо и Бранко Катеринг. Навистина прекрасен ден кој долго ќе го паметиме.
Славица Марцевска





