Една изборна единица, осум изборни единици или ќе си останат на сила актуелните шест изборни единици? Ќе се менува ли изборниот модел пред редовните парламентарни избори што треба да се одржат следната година, прашува во анализа порталот “Плусинфо“?
Министерот за правда Кренар Лога веќе го започнал процесот на измени на Изборниот законик – одржал средба со координаторите на најголемите партии во Собранието и од нив отворено побарал поддршка за измените согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР.
Деновиве стартуваше со работа работната група составена од експерти и политичари, која ќе расправа за менување на бројот на изборните единици. Прашање е дали оваа група ќе успее да изработи измени на Изборниот законик што би го минале со консензус собранискиот филтер најмалку 6 месеци пред избори, имајќи предвид дека во првата половина на следната година треба да се одржат претседателски и парламентарни избори.
Во работната група ќе има претставници од СДСМ, ДУИ, Алијанса на Албанците, БЕСА, Алтернатива, Левица и од Демократски сојуз.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вели дека нема да учествува, иако партискиот лидер Христијан Мицкоски отворено порача дека прифаќа воведување една изборна единица само доколку тоа го прифатат и партиите од власта.
Од СДСМ “начелно“ се подготвени да поддржат една изборна единица а од ДУИ прифаќаат промена на изборниот модел само доколку постои целосен политички консензус. Новиот коалициски партнер Алијанса за Албанците предлага да се воведат дури 8 изборни единици.
Најголемиот дел од помалите владини партнери, пак, и понатаму се на ставот дека прифаќаат една изборна единица и отворени листи.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пред неколку денови појасни зошто неговата партија би поддржала една изборна единица.
– Во четвртата изборна единица се избира пратеник со 7.000 до 7.500 гласови, а во шестата со 5.000 до 5.500 гласови. За да се отстрани тоа треба да имаме една изборна единица и секој пратеник што ќе биде избран во македонското Собрание ќе биде избран со подеднаков број гласови. Јас апелирам до ДУИ и до Алијанса за Албанците да излезат во јавноста и да прифатат една изборна единица и нема потреба од национализам и иредентизам зашто секој граѓанин е еднаков пред Уставот и тие што гласаат во Тетово, Гостивар, треба да се исти со тие во Струмица, Василево и други општини. Затоа власта нека го прифати тоа, а ние како ВМРО-ДПМНЕ сме подготвени во Парламентот тоа да го поддржиме и да одиме на избори – рече Мицкоски.
Лидерот на Демократски сојуз и пратеник, Павле Трајанов е дециден дека воопшто нема потреба од формирање работна група за менување на бројот на изборни единици.
– Ова е веќе видено сценарио, а беше најавено уште од претходниот министер за правда Никола Тупанчески. Законот за една изборна единица веќе 2 години е во Собранието, а оние кои го блокираат се СДСМ и ДУИ. Кај нив е клучот. Вазалскиот однос кон ДУИ на партиите од власта тоа го спречуваат, тука е целиот проблем – изјави Трајанов.
Претседателката на ДОМ, Маја Морачанин, вели дека нејзината партија прифаќа воведување една изборна единица, отворени листи, но и 50% жени на листите за парламентарни и за локални избори. Зајкова не ја исклучува можноста за воведување „Хер-квота“ (по Thomas Hare, англиски политичар од 19 век) како начин на пресметка на изборните резултати.
Изборната формула „Хер-квота“, според дефиницијата, се добива кога вкупниот број гласови во изборната единица се дели со бројот на мандати предвидени за таа изборна единица.
Според овој модел, бројот на гласови добиени од секоја партија се дели со изборната квота, при што се добива бројот на мандати што треба да ги добие секоја од партиите.
Во случај да останат нераспределени мандати, нив ги добиваат партиите со најголеми остатоци на гласови по првичното распределување на мандатите.
Ако нема консензус за една изборна единица, „Хер-квотата“ би обезбедила пореална застапеност на помалите партии во Собранието.
Политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски вели дека од евентуалното намалување на бројот на изборни единици најмногу ќе се офајдат помалите политички партии. Многу поважно, според него, е да се воведат отворени партиски листи.
– Со отворените листи ќе се демократизираат тоталитарните партии и ќе се воспостави директна врска помеѓу граѓанинот-гласач и народниот избраник во Собранието. И во тој случај пратениците својот легитимитет ќе го црпат директно од својот електорат, а не посредно преку лојалност кон својот партиски лидер – вели Атанасоски.
Но тој е скептичен дека ќе се случи промена на бројот на изборни единици. Сличен став дели и политикологот Димитар Христов:
– Сето тоа е одлично, но во супер демократски развиени општества, а не кај нас. Факт е дека малите партии би добиле едно до две дополнителни пратенички места во Собранието, за сметка на едно-две на големите партии. Во моменталната состојба, каде што голем дел од малите партии ја напуштаат владината коалиција, не верувам дека вакво нешто би им одело во прилог на СДСМ и на ДУИ. Во поглед на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, најверојатно и таа би загубила еден до двајца пратеници. Е сега, ако во партијата на Христијан Мицкоски се надеваат на коалиција со помалите партии што би добиле еден до два пратеника, тогаш може да им излезе како добитна комбинација, но е премногу ризичен потег. Како и да е, едната изборна единица нема да смени ништо драстично туку само ќе доведе до нестабилни влади, намалена пропорционалност и премногу пазарења околу министерски места. Налик на политичката каша во којашто е заглавена соседна Бугарија – објаснува Христов.