Во Италија и во светот скоро да нема некој што веќе не го гледа импресивниот Наполи (по 20 победи во 23 кола) како нов шампион, а четата на Лучано Спалети со Елиф Елмас како стартер го минаа триумфално и незгодниот Сасуоло, тимот кој лани ги изненади, а неодамна го разнесе и првакот Милан.
Но, иако цела Италија скоро и да не гледа начин како Наполи би ги прокоцкал моменталните плус 18 пред второпласираниот Интер со меч повеќе, македонскиот „дијамант“ Елиф Елмас посочува дека во клубот сè уште никој не го кажал магичниот збор – “скудето“!
Неапол три децении чека на нова шампионска радост, од ерата на Диего Марадона, а наполитанциве сезонава играат како од соништата.
– Ние сè уште не сме го кажале зборот “скудето“, зашто сè уште има уште многу за играње и одиме меч по меч, секогаш концентрирани. Среќни сме што победивме со Сасуоло, што си одиме со три бода, зашто Сасуоло беше во серија со победи против Милан, Лацио, Аталанта… Знаевме дека ќе биде тешко и сега покажавме уште една работа, дека кога страдате, треба да трчате, да гризете кога сте во тешкотија, вели Елмас.
Македонскиот репрезентативец одигра 22 од 23-те меча сезонава, но во Сасуоло му беше седми како стартер и ефектот од шест гола и асистенција се импресивни за минутажата која ја добива, а иако во најголем дел е џокер, моментно е трет стрелец на Наполи во Серија А.
– Среќен сум, сите сме важни за Наполи во моментов, а јас кога и да играм, дали од старт или кога влегувам од клупата, се трудам да дадам сè од себе и да им помогнам на соиграчите. Знаеме дека имаме неверојатна сезона и јас се надевам дека ми оди добро, додава Елмас.
Наполи оваа недела тргнува и во елииминациската фаза од Лигата на шампионите, ги чека двомеч со германски Ајнтрахт Франкфурт, на 21 февруари гостуваат (на 15 март е реваншот во Неапол), а во Серија А имаат три незгодни меча: гостување кај Емполи, па два домашни меча со незгодните Лацио и Аталанта, кои се борат за место во ЛШ помеѓу овие два дуели во европската елита.
– Досега направивме нешто многу важно, сега ќе видиме оваа недела. Знаеме дека играме против тежок тим, но ќе се одбидеме да го направиме најдоброто и во ЛШ, заврши Елмас.