Минатиот викенд, по повод ANZAC Day, се обрати и Мик Велоски — Македонец кој служел како војник за Австралија. Тој денес живее во Сиднеј и оваа година полни 102 години, што го прави еден од најстарите Македонци во Австралија.
Мик (Михајло) Велоски е една од клучните фигури на македонската заедница во Австралија. Тој е коосновач на Македонско-австралискиот народен сојуз (МАНС) и повеќе од 70 години активно работи на создавање организации, весници, цркви и иницијативи за човекови права, како и на афирмација на македонската кауза.
Роден е во 1924 година во селото Граче, во Егејскиот дел на Македонија. Како дете се соочил со забрани за користење на македонскиот јазик во училиштето, па дури бил и казнуван поради тоа. Во 1935 година се преселил во Австралија, каде по смртта на татко му бил принуден рано да започне со работа.
Уште како млад, учествувал во основањето на македонското друштво „Единство“, што го означи почетокот на организираното македонско движење во Австралија. За време на Втората светска војна служел во австралиското воено воздухопловство.

По војната, во 1946 година, заедно со Стојан Србинов го основал МАНС и го покренал весникот „Македонска искра“. Организацијата обединила Македонци низ Австралија и спровела значајни акции, меѓу кои и собирање средства за изградба на болница во Македонија.
Во текот на својот живот, Велоски постојано бил активен во заедницата — учествувал во формирање на здруженија, радио програми и црковни општини. Во 1993 година го основал Егејското македонско здружение на Австралија.
За неговиот долгогодишен придонес, во 2013 година ја доби наградата за животно дело од Обединетата Македонска Дијаспора.
Мик Велоски останува жив сведок и симбол на истрајноста и идентитетот на Македонците во Австралија.