Претседателот на Собранието Талат Џафери за 11 април закажа итна седница на чиј дневен ред се девет предлог-закони поврзани со коридорите 8 и 10-д. Станува збор за предлог-измени и дополнувања на законите:
Сите измени се поврзани со изградбата на автопатските делници од споменатите коридори кои ќе ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.
Предлагачи на измените и дополнувањата по скратена постапка се пратеници од владејачкото мнозинство: Арбер Адеми (ДУИ); Халил Снопче (Алијанса за Албанците); Арта Биљали (ДУИ); Вјолца Адеми (ДУИ) и Арбен Зибери (ДУИ).
Со предлогот за дополнување на Законот за работни односи, власта повторно сака да издејствува работниците што ќе бидат ангажирани на изградбата на коридорите да работат повеќе од 40 часа неделно. Ваков обид Владата имаше преку Законот за изградба на делници од коридорите 8 и 10, кој предвидуваше работно време од 60 часа неделно. Лани во март уставните судии овој член од Законот го оценија како неуставен и на штета на работниците.
Измените на други закони предвидуваат и низа ослободувања од давачки, како ослободување од данок на додадена вредност (ДДВ) и акциза на енергенси, но и ослободување од ДДВ, увозни давачки и данок на моторни возила (за теренските возила) на стратешкиот партнер “Бехтел и Енка“.
Исто така, се планира и забрзување на постапката за експропријација. На пример, нема да се чека правосилност на одлуката за експропријација туку ќе биде доволно таа да стане само конечна. “На стратешкиот партнер ќе му се даде во владение експроприраниот имот веднаш штом одлуката за експропријација стане конечна, без потреба истата да стане правосилна“, пишува во предложените измени на Законот за експропријација.
Проектот за изградба на коридорите 8 и 10-д со „Бехтел и Енка“ беше потпишан на 8 март годинава. Тежи 1,3 милијарда евра, а предвидени се дополнителни над 200 милиони за експропријација. Рокот на изградба е до 2027 година, а опфаќа вкупно 110 километри автопат или по делници: Тетово-Гостивар над 17 км (33 месеци рок на реализација); Гостивар-Букојчани – 30,3 км (57 месеци рок на реализација); Требениште-Струга-Ќафасан 22 км (49 месеци рок на реализација); Прилеп-Битола 40 км (57 месеци рок на реализација).
Почетокот на изградбата на Коридорот 8 свечено беше означен на 4 април кај Тетово, додека за Коридорот 10 церемонија се очекува да се случи до крајот на месецов.