За решавање на проблемот соекс-депонијата „Вардариште“ прво треба да им се најде дом на повеќе од 200 луѓе што живеат таму

За решавање на проблемот со депонијата „Вардариште“ (крај Скопје, затворена во 2017 но и натаму се користи на диво), каде на 31 август избувна голем пожар, потребен е системски и мултинституиционален пристап бидејќи на оваа локација во моментов живеат повеќе од 200 луѓе, објави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Тој всушност одговараше на новинарско прашање дали се планира 24-часовна контрола на оваа дива депонија, затоа што според информациите таму секоја вечер по 23 часот се пали оган, а мерните станици покажуваат огромно загадување на ова подрачје.

– За жал, во рамки на оваа дива депонија живеат над 200 луѓе, замислете. Страшно е ова, страшно од секој аспект, рече министерот.

Индициите, како што кажа Тошковски, укажуваат дека потпалувањата што се случуваат таму се предизвикани од дел од тие луѓе, односно од мал дел од луѓето што живеат на депонијата, но оти полицијата не може да го ограничи правото на пристап до живеалиштето што го имаат.

– Ние не можеме да спречиме тие луѓе да влегуваат и да излегуваат во оној периметар којшто го има, рече министерот.

Според него, станува збор за проблем што е таложен со години кој, како што додава, за жал, не може да се реши преку ноќ.

Таму, вели министерот, е потребно системско решение, односно луѓето треба да бидат дислоцирани оттаму и да им се најде соодветно, пристојно место за живеење.

Инаку, жители на општина Аеродром секој ден одржуваат протести и го блокираат мостот „Близнак“ преку Вардар, кој практично ја дели населбата Ново Лисиче (на десниот брег) од „Вардариште“ (на левиот брег). Единственото барање што тие го упатуваат до надлежните институции е решавање на проблемот со дивата депонија.

Останати вести