За светците на словенската писменост – гробот на свети Кирил е светилиште во Рим, но мистерија е каде е погребан неговиот брат свети Методиј

Браќата Константин (кога се замонашил станал Кирил) и Методиј ја создале првата словенска азбука – глаголицата во средината на 9-тиот век и поради ова нивна заслуга и ден денес им укажуваме почит и ги одбележуваме овие двајца светци.

Гробот на свети Кирил (умрел во 869 во Рим) е познато место и светилиште  ама гробот на неговиот брат Методиј (умрел 885 г.) е мистерија и се уште не е потврдена локацијата каде е погребан. Постојат претпоставки и научни теории дека е погребан во рамките на една црква во Чешка, која била дел од големата Моравска држава во тоа време.

Гробот на свети Кирил е во базиликата „Свети Климент“ во Рим која името го добила по пaпата  Клемент. „San Clemente al Laterano“ е базилика која е изградена во 4 век и се наоѓала под земја. Таму е погребан свети Кирил кој бил дојден во Рим заедно со свети Методиј по барање од Папата за да го бранат користењето на глаголицата во славењето на Бога; тоа го направил свети Кирил кој бил успешен оратор (го нарекувале филозоф), се замонашил и по кратко боледување починал.

Олтарот на свети Кирил се наоѓа во катакомбите на старата базилика врз која на почетокот на 12-тиот век е изградена новата базилика посветена на истиот светец. Секоја година црковно-државна делегација од Македонија го одбележува празникот 24 Мај –  Денот на сесловенските просветители со посета на Рим.

Свети Методиј ја продложил просветителската мисија меѓу Словените во Моравија поради што бил затворан од страна на латинските свештеници. По неговата смрт седумте следбеници (Седмочисленици) биле прогонети и петмина од нив засолниште и работа нашле во тогашното Бугарско Царство. Втората словенска азбука – кирилицата е создадена набрзо во престолнината Преслав (во Охридската школа се користела главно глаголицата со векови) и веќе околу 995 година е усвоена како официјално писмо на бугарската држава.

Глаголицата најдолго се задржала во манастирите на Босна и Хрватска (до 15 век) додека кирилицата и ден денес е официјално писмо (било како единстено или паралелно со некое друго) во следните држави: Македонија, Србија, Црна Гора, Бугарија, Белорусија, Украина, Русија, Таџикистан, Монголија, БиХ, Косово, Казахстан и Узбекистан.

Останати вести