Зголемувањето на цените на горивата го зголемува притисок врз буџетите на домаќинствата: Бесплатен превоз како привремено олеснување во Викторија

Остриот раст на цените на горивата низ Австралија се повеќе ги погодува буџетите на домаќинствата, а властите во Викторија што оваа година имаат избори,  одлучија да реагираат со воведување привремена мерка, бесплатен јавен превоз низ целата држава до крајот на април.

Од 31 март, возовите, трамваите и автобусите ќе бидат бесплатни за сите патници, додека системот за наплата на билети ќе биде привремено оневозможен за да се избегнат гужви и да се олесни користењето на јавниот превоз.

Одлуката доаѓа во време кога цените на бензинот во одредени делови од Мелбурн се приближуваат до 2.3 долари за литар, додека дизелот во некои регионални делови на Викторија веќе надминаа 3 долари за литар. Во исто време, се појавија и проблеми со снабдувањето, при што некои бензински пумпи во државата веќе остануваа без гориво.

Премиерката на Викторија, Џасинта Алан, изјави, бесплатниот јавен превоз ќе ја чини државата околу $71 милион во загубени приходи, но тоа е важна мерка за делумно да се помогне во време на зголемување на трошоците за живот.

Разговорите со членови на македонската заедница во Мелбурн покажуваат дека веќе е забележливо оти граѓаните полека ги менуваат своите секојдневни навики поради високите цени на горивата.

Златко Торбаков, кој работи како доставувач на храна, изјави дека високите цени на горивата директно влијаат на неговата работа. „Мојата работа е многу зависна од гориво. Работам како доставувач на храна и овие цени се навистина превисоки. Сопствениците на бензински пумпи ја експлоатираат кризата на Блискиот Исток за да остварат личен профит.“ Бесплатниот јавен превоз, вели тој, може да им помогне на некои граѓани, но не и на оние кои мораат да возат секој ден. „За луѓето кои не зависат од автомобилот, можеби ќе помогне. Но, за нас кои сме во индустријата на достава, мислам ќе биде исто.“

Никола Нически верува растот на цените на горивата сигурно ќе влијае на семејните буџети. „Не се ни сомневам. Веднаш се зголемија и трошоците за работење и живот.“ Додава, бесплатниот јавен превоз е добра помош, но не и трајно решение. „Овој вид помош, можеби требаше да се воведе порано.“

Помладите возачи исто така веќе ги чувствуваат последиците од зголемувањето на цените. Дејан Костов вели сега го планира секое патување повнимателно.

„Променив дел од моите навики. Сега многу повеќе размислувам каде и кога одам, бидејќи горивото е навистина скапо.“ Верува дека растот на цените  не е завршен.„Се уште не сме го виделе крајот на овие зголемувања на цените, а тоа малку ме загрижува.“ 

Ситуацијата е особено тешка за пензионерите. Живко Голубовски вели многумина веќе значително го намалиле возењето. „Следам како се движат цените и тоа е загрижувачки. Сега одиме само во продавница или на лекар.“

Иако многумина го поздравуваат бесплатниот јавен превоз како итна помош за граѓаните, голем број жители истакнуваат оваа мерка не може целосно да го реши проблемот со високите цени на горивата, особено за оние кои секојдневно зависат од автомобили.

Во меѓувреме, сојузната влада разгледува дополнителни мерки за зголемување на увозот на гориво и стабилизирање на домашните залихи, додека експертите предупредуваат секое понатамошното зголемување на цените на енергијата би можело дополнително да го зголеми притисокот врз трошоците за живот низ целата земја. 

Останати вести