Директорката, д-р Мекгонигл ја сече лентата во Центарот за рециклирање
Братот и сестрата, Алек и Ава Чакар од училиштето St Andrews Cathedral School (SACS) од Сиднеј потекнуваат од македонско семејство. Деновиве тие се во центарот на вниманието во кругот на училиштето и пошироко во Сиднеј благодарение на нивниот проект за рециклирање изготвен во соработка со училиштето. За проектот, официјално отворен на 11 август 2025, и неговата реализација разговаравме со Алек (15) и Ава (13).

• Што ве инспирираше за идејата за Центарот за рециклирање?
Посетата на центарот за рециклирање во метрото Мериквил во Сиднеј беше поттик за размислување: „Како би можеле ние да создадеме нешто вакво во училиште?“ Откако направивме истражување, бевме изненадени дека многумина во Австралија недоволно знаат за рециклирањето. Загрижува фактот дека само 9% од отпадот се рециклира правилно.
• Како започна соработката со наставниците во училиштето?
Нашата цел беше предлогот да ѝ го презентираме на директорката, д-р Мекгонигл. Тоа значеше предходно да се разгледаат и развијат повеќе аспекти за реализацијата на проектот. Наставниците, г-ѓа Стивенсон и г-ѓа Џејмс не’ водеа да размислиме за изводливоста на нашиот концепт, трошоците и функционирањето на центарот. Во соработка со наставниците се подготвивме за разговор со директорката.
• Каква беше реакцијата на директорката?
Откако го слушна нашиот концепт, д-р Мекгонигл го процени за вреден. Ни даде голема поддршка да одиме понатаму со реализација на проектот. За нас тоа беше возбудлив момент кој го одразуваше трудот што го вложивме во презентацијата. Таа нè замоли да ги споделиме нашите идеи со другите членови на извршниот тим. Во текот на целиот процес, д-р Мекгонигл беше една од нашите најсилни поддржувачи која искрено веруваше во нашата визија.
• Кој беше најтешкиот дел од реализацијата на овој проект?
Тоа беа првите шест месеци, во кои го спроведовме процесот на истражување, учење повеќе за рециклирањето, за големините на контејнери и видовите на предметите што сакавме да ги рециклираме. Сами го дизајниравме Центарот и го нацртавме во 3Д модел. Покрај ова, мораше внимателно да ја разгледаме логистиката. Конечно, сето ова го споивме во една сеопфатна презентација за д-р Мекгонигл.
• Во што е важноста на вашиот проект не само за училиштето, туку за Сиднеј и пошироката заедница на Австралија?
Важноста на Центарот за рециклирање оди многу подалеку од самото сортирање на отпадот. Преку Центарот, донираните очила го враќаат видот на оние на кои им е потребна помош. Донираните книги наоѓаат нов живот како омилена приказна на некој друг. Секое собрано шише и лименка собира средства што одат директно на AWS и проектот за заштита на коали кај нашето училиште во Кирики. Исто така за да се обноват просториите каде што нашите ученици одат на кампување. За Сиднеј и за Австралија, Центарот е доказ дека проектите предводени од ученици можат да доведатдо вистински промени.
• Кој беше најдобриот дел во работењето?
Најдоброто беше што работевме тимски како брат и сестра заедно со наставниците за потоа да бидеме сведоци на остварување на нашата работа од идејата, до изградбата на столаријата, декорација со налепниците, па се’ до сечењето на лентата при официјалното отворање.
• Која е вашата крајна цел за овој проект?
Нашата крајна цел е едноставна, но моќна, кон подобар живот преку Центри за рециклирање во секое училиште. Не сакаме ова да биде само проект на SACS. Би сакале да инспирираме движење каде што училиштата низ Сиднеј, а на крајот и Австралија, подлабоко ќе размислат за тоа како да се справат со отпадот и одрживоста. Доколку другите училишта отворат свои центри, можеме да создадеме мрежа на промени предводени од ученици. Би сакале да видиме иднина каде што нашиот Центар не е крај, туку почеток на нешто многу поголемо.
• Кажете ни повеќе за денот на официјалното отворање на Центарот. Кој беше присутен надвор од училиштето.
Официјалното отворање на Центарот за рециклирање на SACS за нас беше голем настан. Не само што беше собрана целата училишна заедница, туку ни беше чест да ги пречекаме специјалните гости г-дин Крајтон од AWS и г-ѓа Лоран од програмата „Враќање и заработка“. Нивното присуство ни покажа дека она што започна како идеја на ученици прерасна во работа ценета од еминентни владини институции. Бевме избрани од 115 други училишта за пилот-програмата на R&E бидејќи нашата иницијатива беше единствена од тој вид и напредната во фазата на имплементација. Поддршката од д-р Мекгонигл и г-дин Свибел, и г-дин Парсонс во реализацијата на Центарот не’ обедини сите со една цел: создавање поодржлива иднина.
• Што научивте од овој процес?
Научивме да бидеме храбри, да не ја занемаруваме идејата и да бидеме упорни, бидејќи напорната работа се исплаќа.
• Кој е вашиот совет до учениците и младината на Австралија?
Бидете храбри и верувајте во вашите идеи. Бидете упорни, дури и кога процесот ви се чини долг или заморен, бидејќи секој труд се исплаќа. Најважно од сè, запомнете дека дури и малите промени во секојдневните навики можат да донесат големи резултати.
Ѓ.Ч.