Хируршките сали на Клинички центар се затворени повеќе од една недела, а Министерството за здравство со крајно игнорантски однос, наместо да го реши проблемот, му го нафрли на Јавното обвинителство во форма на претставка. Во меѓувреме решение за пациентите нема, а докторите од „Св. Наум Охридски“ (порано Градска болница, кај Собранието) и „8 Септември“ (поранешна Воена болница) се обидуваат да постигнат со работа преземајќи ги сите пациентите кои се одбиваат на Клинички центар.
Оние пациенти кои не се итни се упатени да чекаат дури и со сериозни дијагнози како карцином.
Проблемот започна откако беа затворени 8 операциони сали поради тоа што се ширел непријатен мирис (велат јаглерод-моноксид) во хируршките сали од системот за довод на кислород. Се работи за интегриран вентилациски систем со заеднички компресори. Во функција се само три сали кои не биле поврзани на него туку имале независен систем.
Чудно е тоа што никој не го поправа проблематичниот систем, односно изгледа дека фирмата за одржување не може да најде дефект. Обвинител почнал да повикува лица да провери дали има кривично дело во овој случај. Следни за сослушување се директорите на хируршки клиники.
Министерот за здравство по еднонеделен молк реферираше за состојбите на клинички и објасни дека проблемот е во компресорската станица и инсталацијата за кислород, за што се испратени мостри на испитување во Германија, од каде се чекаат резултати.
Во меѓувреме, последните две седмици двете други болници – „8 Септември“ и „Св. Наум Охридски“ се координираат за да опслужат што е можно повеќе пациенти. Но бараат да се направи реорганизација на персоналот и медицинските материјали кои стојат неискористени во Клиничкиот центар.
Ортопедскиот хирург Александар Каревски од „8 Септември“ доби поддршка на социјалните мрежи со пораката: Да ги спасиме пациентите прво, после барајте кој е кри!
„Пратете ни инструментарки, материјали и останат среден персонал од клиниките кои немаат сали затоа што и ние сме виртуозно изменаџирани, па ние ‘секундарната’ ‘8 Септември’ ќе ги згрижиме пациентите. Ставете го стационарот на Клиниките на наше располагање за веќе оперираните пациенти за кои не треба кислород и ќе имаме места.
Спасете ги пациентите, а после барајте си кој е крив. А важно е да се најде кој е крив, само да не ви треба огледало за истото?“, порача Каревски.