Зеќири во притвор 30 дена, истрага за злоупотреба на службена положба и овластување

Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција поведе истрага против генералниот секретар на Владата Мухамед Зеќири и две други лица, државјани на Хрватска. Зеќири се гони бидејќи во април 2021 година склучил договор за консултантски услуги со фирма на осомничените хрватски државјани. Следеле продолжувања на договорите се до јануари 2022.

Се работи за ангажирање на консултантска куќа за изработка на проект за реорганизација на Македонски пошти, според одлука на Владата. Но во одлуката одобрената сума била околу А$1.2 милион, додека исплатената сума на хрватската фирма е повисока за околу 18% (што би било за сумата на Данокот на додадена вредност – ДДВ) односно скоро А$216,000 или нешто над А$1.4 милиона.

Зеќири е осомничен за злоупотреба на службената положба и овластување, односно зашто без тендер ами со непосредна спогодба ја склучил зделката.

Судија на претходна постапка му одреди 30-дневен притвор на Зеќири, иако адвокатот ги депонираше пасошите на Мухамед и неговата сопруга Бисера во судот. Обвинителството бараше притвор поради сите три можни причини: опасност од бегство, опасност од уништување на трагите или влијание на потенцијални сведоци.

Предметот за проневера Обвинителството за организиран криминал го добил во втората половина на 2021 година, кажа обвинителката Вилма Русковска.

– Од тогаш надлежниот обвинител Катарина Коларевиќ издаде повеќе наредби за собирање докази, по што донесе наредба за спроведување истрага и предлог за определување мерка притвор за осомничените, рече Русковска.

Таа додаде дека располагаат со податок каде се парите, а осомничените хрватските државјани, според нивните информации, веќе не се наоѓаат во државата.

– Бидејќи Хрватска не испорачува свои државјани, ние ќе стапиме во контакт со колегите таму, ќе ги доставиме доказите до нив, па доколкку се согласат да го преземат гонеето нивното понатамошно процесуирање ќе биде во Хрватска – истакна Русковска.

Зеќири даде оставка

Генералниот секретар на Владата Мухамед Зеќири преку социјалните мрежи, додека одеше кон Кривичниот суд, објави  оставка од функцијата.

– Низ мојот работен век секогаш сум го одбирал вистинскиот пат, патот на чесноста, праведноста и вистината. На овие мои животни вредности сакам да останам доследен. Затоа, како човек со личен интегритет, ја поднесувам мојата неотповиклива оставка од функцијата Генерален секретар на Владата.

Верувам во институциите на системот, верувам во правичноста и праведноста и верувам дека вистината ќе излезе на виделина“, напиша Зеќири.

Премиерот Ковачевски очекува независна постапка од судските органи

– Ја почитувам одлуката на Мухамед Зеќири да се повлече од функцијата. Тоа е акт на политичка одговорност. Владата во најскоро време ќе започне постапка за избор на нов генерален секретар, изјави премиерот Димитар Ковачевски.

Тој истакна и дека очекува целосно транспарентна и независна постапка од Обвинителството.

„Очекувам целосно транспарентна и независна постапка од Обвинителството и судските органи и целосно почитување на пресумцијата на невиност“, изјави Ковачевски.

Останати вести