Секој државјанин на Македонија има законска можност паралелно да поседува пасош на друга земја. Тоа никој не го оспорува. Но, помеѓу двата изборни круга на локалните избори СДСМ излезе со тврдење дека Данела Арсовска (актуелната градоначалничка на Скопје) ја заведува јавноста со тврдењата дека “овие на власт ги продадоа националните интереси“ а самата таа и нејзиниот сопруг поседуваат бугарски државјанства. Таа од 2011 а сопругот една година порано.
Славјанка Петровска (тогаш пратеник а сега министер за одбрана), Петре Шилегов (тогашен градоначалник), Дарко Каевски (пратеник), Зоран Заев (тогашен премиер)… се само дел од претставниците на СДСМ кои упорно ја убедуваа јавноста за лажната претстава што за себеси ја прикажува Арсовска. Тие покажуваа факсимили од бугарски документи на кои Арсовска е заведена под името ДанИела (вистинското име и е без и).
Случајот предизвика “шум“ (како што велат) во Бугарија. Јавноста и тамошните политичари се возбудија затоа што “ете, не даваат Бугарка да стане кметица на Скопје“.
Оттогаш поминаа повеќе од 90 дена а толку е законскиот рок за тужба и надомест на штета по навреда/клевета. Локалните избори завршија на крајот од октомври а законскиот рок за тужба истече на крајот од јануари. Во законот стои уште еден резервен рок од една година но во случај кога навредливата изјава е кажана на трето лице, па се дозволува период клеветаниот со месеци подоцна да дознал.
Од седиштето на СДСМ тврдат дека никој не добил тужба за клевета од Данела Арсовска во врска со нејзиното наводмно бугарско државјанство. Тужба за клевета има добиено само пратеникот Дарко Каевски но во врска со прес-конференција на која изнесе дека таа била ужасно лош менаџер на Спортската сала “Расадник“ во Кисела Вода и натрупала долгови. А тужбата не го спори ниту тоа туку изјавата на Каевски дека Арсовска е кандидат на ВМРО-ДПМНЕ (беше независен кандидат со поддршка од оваа партија).
Пред крајот на јануари во интервју во телевизијата “АлсатМ“ скопската градоначалничка беше запрашана до каде е со гонењето на тие што тврдеа дека има резервна татковина. Нејзиниот одговор беше дека “процедурите си течат преку адвокатите“.
Во првата седмица од февруари таа повторно беше прашана што се случува на ова поле.
– За се ќе си има постапки и се ќе се докаже. Без грижа – тоа што законскиот рок е изминат не значи дека нема поведено постапки. Дел од тужените избегнуваат прием на документите… но јас реков дека правдата ќе пристигне за сите кои кажуваа невистини и лаги а продолжуваат континуирано да ги истакнуваат, изјави на 7 февруари Арсовска на прашање од новинарка на емисијата “360 степени“ на “АлсатМ“ телевизија.
Данела Арсовска во октомври изјави дека “СДСМ кажува лаги“ и дека парите под отштетата ќе ги донира.