Жителите во Македонија од 29 октомври можат да ги имаат личната карта и возачката дозвола во дигитална форма на мобилниот телефон, благодарение на воведувањето на „електронскиот паричник“ во апликацијата „м.Услуги“. Новата можност е дел од процесот на дигитализација на јавните услуги и треба да го олесни секојдневието на Македонците, овозможувајќи побрза идентификација и поголема контрола врз личните податоци.
Според министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, една од главните придобивки е можноста корисниците сами да изберат кои лични податоци ќе ги споделат при идентификација. Податоците ќе се разменуваат преку кјуар-код за еднократна употреба, кој истекува по 10 до 15 секунди и не може повторно да се користи.
– На пример, кога сакате да се идентификувате во банка, бар или друг локал, нема да мора да ги покажете сите податоци од личниот документ, како што тоа го правиме сега кога ги покажуваме пластичните лични карти или возачките дозволи. Ќе можете да изберете кои податоци сакате да ги споделите, на безбеден начин, посочи Андоновски.
Освен личната карта и возачката, достапни за покажување преку оваа апликација се и формуларите М1/М2 (пријава/одјава од работа), податоци од Централниот регистар на население и М4-образец за стаж.
Но и покрај бомбастично објавената нова погодност со „електронскиот паричник“ граѓаните на Македонија сепак ќе мора и понатаму да ги носат со себе пластичните лични карти и возачки дозволи. Дигиталните документи во догледно време нема да се прифаќаат при полициска идентификација или по банки, бидејќи за нивно официјално признавање се потребни законски измени.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, само еден ден по промоцијата на новите електронски можности самиот потврди дека Македонците ќе мора да си ги носат пластичните лични карти или возачки дозволи кои остануваат задолжителни при идентификација. Законот вели дека граѓаните надвор од дома мора постојано со себе да ги носат личната карта (и возачката).
– Очекувам дека ќе ни бидат потребни најмалку од шест месеци до една година да ги завршиме неопходните измени. Моментно се работи на мапирање на членовите во конкретните закони што треба да се сменат, а МВР работи на обезбедување технолошки можности во новите автомобили што ги набавува за да може полицајците да си ја вршат потоа својата работа. Ние веќе променивме 140 закони, кои што се однесуваат на прифаќањето електронски документи, кои бараат фотокопипи од податоци. На истиот начин ќе пристапиме и кон ова. Потребни се одредени измени во подзаконските акти во МВР, кои се однесуваат на изгледот и формата на личната карта и возачката дозвола (според секашните закони тие документи секој жител треба да ги носи постојано во физичка форма со себе). Потоа од банкарскиот сектор ни сигнализираа дека и во нивната регулатива се бара да чуваат фотокопија од личната карта при секое ажурирање на податоците… Ќе почнеме и од приватниот сектор, од супермаркети, локали, барови, банки, осигурителни компании…, ова е процес што ќе треба полека да влегува во секоја институција, не е само Министерството за внатрешни работи, изјави министерот Андоновски.
Кого зафркавате и со чија интелигенција си подигрувате кога за само 24 часа сами си ја туркате сопствената лага? Како раштиман оркестар сте – што воопшто правите на владина седница, дали министрите воопшто имаат поим што прават другите ресори, или воопшто не ги интересира и се на некој светски конгрес додека ја бламираат целата држава, прашуваат од ЛДП.
– На 28 октомври премиерот Христијан Мицкоски се сликаше на гламурозна скапо платена претстава и триумфално ја промовираше апликацијата „м.Услуги“, ветувајќи му на народот крај на шалтерите и дигитални документи на мобилен. Но, само ден подоцна, бледата реалност ја спушти рампата: министерот Стефан Андоновски излезе и ладнокрвно соопшти дека дигиталната лична карта и возачка дозвола не важат при полициска контрола, бидејќи МВР и институциите воопшто не се подготвени!
Ова е врв на несериозност и политичко аматерство! Граѓаните се уморија од евтини ПР-трикови, празни QR-кодови и фешти каде се делат лажни надежи. Доста со лажни паралелни реалности – или направете функционален систем кој работи за народот, или престанете да го малтретирате со секојдневни бламажи, вели Цветанка Геговска, членка на Извршниот одбор на Либерално-демократската партија (ЛДП).