Македонија ја доби својата 20-та Влада од независноста до денес а Христијан Мицкоски е 13-от премиер. За нејзиниот избор имаше 77 гласа „за“ и 22 гласа „против“ (од пратениците од СДСМ и Левица), додека пратениците од коалицијата „Европски фронт“ (предводена од ДУИ) ја напуштија седницата кратко пред гласањето.
Со Мицкоски на премиерската позиција во Владата ќе има уште 23 члена, а од нив петмина ќе бидат и вицепремиери. Шеснаесет од членовите на владиниот кабинет, вклучувајќи го и премиерот, се од редовите на коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, шестмина се од коалицијата „Вреди“ (ВЛЕН) и двајца од политичката партија ЗНАМ.
Премиерот Мицкоски и новите министри дадоа свечена изјава на Република Северна Македонија.
Свечена заклетва со уставното име даде и новоизбраниот потпретседател на Собранието Антонијо Милошоски (не беше присутен на денот на неговиот избор).
Најавен фуриозен старт
Во експозето пред гласањето за неговата Влада, Мицкоски од собраниската говорница рече дека на „граѓаните им е доста од препирки“ и оти е „потребна работа, посветеност, одговорност и конкретни проекти“.
-Во првите сто дена ќе ги подигнеме стандардите, макотрпно ќе работиме, ќе се грижиме, државата ќе се менува. Ќе има намалување на даноците а зголемување на пензиите, Владата ќе отпочне проект со над 200 милиони евра за општински проекти, една милијарда евра за македонската економија, нови странски инвестиции за нови вработувања, бесплатни учебници за сите, фронт против корупцијата, борба за раст до 5% на македонската економија и почеток на капитални инфраструктурни проекти и други проекти.
Мицкоски нагласи дека ова ќе биде влада за народот.
Додека сум јас премиер бугарскиот диктат нема да помине
Во своето експозе пред гласањето за новата влада Мицкоски рече дека сè додека тој е премиер бугарскиот диктат под вакви околности нема да помине и нема да има уставни измени.
-Еве уште еднаш да ви појаснам дека ваков бугарски диктат под вакви околности додека сум јас премиер нема да помине и нема да има уставни измени треба тоа да ви е јасно. Направивте грешка, таа грешка секој еден граѓанин ќе го чини многу, но најмногу ќе ја чини Македонија. Зошто? Затоа што тогаш пред да влегувате во такви авантури требаше да седнете како што јас ви подавам рака, требаше вие нам да ни подадете рака и да седнеме да разговараме. Тогаш ќе беше јасно дека таа работа едноставно така како што вие или некој друг ја замислил едноставно не врви. Луѓето што ме знаат, знаат дека мојот збор планини тежи и овие работи што ви ги кажувам, ги кажувам затоа што верувам во тоа и да ќе ја кажам срамната придавка пред заклетвата затоа што тоа мене лично ме потсетува на срамот што и го нанесовте на мојата татковина, на моето семејство и моите неродени внуци и на тие по нив, рече Мицкоски.
Првата капитулација
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и нов премиер при давањето заклетва (истото го сторија сите членови на Владата) го изговори уставното име Република Северна Македонија, за што претходно се осврна и во завршното обраќање.
-При заклетвата ќе ја кажам срамната придавка затоа што ме потсетува на срамот што го нанесовте на мојата татковина, на моето семејство, на моите неродени внуци. Ќе правам се што можам додека сум жив оваа неправда да ја исправам. За жал, во овој момент сум немоќен. Во овој момент ќе морам да капитулирам како човек пред вас и да ја кажам, рече Мицкоски.
Опозицијата критикуваше дека новата Влада е далеку од ветувањата што ВМРО-ДПМНЕ ги дала во предизборната кампања. Пратениците од СДСМ критикуваа дека таа е манипулативна и изразуваа сомнежи дека ветените проекти ќе се реализираат.
Пратеничката Бисера Костадиновска-Стојчевска (досегашна министерка за култура) зборуваше за лаги во кампањата на ВМРО-ДПМНЕ кои сега се разоткриени, а имаше забелешки и за идните министри.
-За неколку дена ВМРО-ДПМНЕ погазија многу ветувања, надежта почна да исчезнува. Да потсетиме дека во редовите на ВМРО-ДПМНЕ имаат кандидат кој не ја признава химната и вели дека нема да ја пее. Во ова мнозинство има кандидати кои со своите црвени линии кои ги поставија седнаа на маса со Ванчо Михајлов. За време на кампањата имавте изразени црвени линии, ама сега ја прецртавте бојата, сега нема ниту линии ниту граници кога станува збор за власт, рече Костадиновска-Стојчевска.
Во пресрет на изборот на новата Влада, Христијан Мицкоски, во улога на пратеник до Собранието предложи законски измени со кои се воведоа нови и реорганизираа дел од постоечките министерства.