Во пожар за чија причина се води истрага изгоре Универзалната сала во Скопје – симбол на светската солидарност од постземјотресната обнова на градот. Проектот е копија на Државниот циркус од Софија (кој изгоре на крајот од 1980-те) и е во форма на татарска јурта (номадски шатор).
– Нема загинати, нема повредени. Направена е материјална штета која наскоро ќе се утврди и потоа ќе се продолжи со градба, рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која додаде дека објектот бил осигурен за ваков тип настани.
Пожарот избил во понеделникот околу 9:45 претпладне и на скопјани им пружи страшна глетка за моќта на огнената стихија. Всушност изгоре старата конструкција која беше монтажна (претежно иверка) и од 1966 годнина наваму требаше да трае 20 години. Одамна се извадени сите столчиња и друга опрема. Челичната конструкција за новиот објект со иста намена, кој треба да биде изграден – остана. Новата купола беше ставена пред 14 дена и тогаш беше најавено дека таа ќе свети ноќе.
Речиси 10 години Универзална сала е затворена. Имаше разни планови за нејзино уривање и изградба на нов објект. Победи проектот кој треба да го задржи стариот изглед. Откако во февруари годинава Град Скопје (по двегодишно стопирање на работите) се откажа поради немање пари, реконструкцијата на Универзална сала премина на Министерството за култура. Фирмата „Универзал Балкан“ од Скопје е изведувач на работите, а проектант е Бујар Муча од „Мегарон инженеринг“.
Лазар Арсовски, сопственикот на „Универзал Балкан“, кажа дека во моментот на избувнување на пожарот во објектот немало градежни активности, но дека на местото биле присутни еден инженер, чувар и двајца работници.
Тие, како што рече Арсовски, не знаат како настанал огнот но пробале да го изгаснат со противпожарни апарати. Полицијата подоцна однесе тројца од нив во полициска станица за распит.
– Можно е пожарот да настанал од неисправна инсталација, рече Арсовски а на социјалните мрежи предизвика иронија и потсетување дека во Македонија за вакви случаи „кабелот е виновен“ (како во трагедијата со тетовската модуларна олница).
Во гаснењето на пожарот учествувале вкупно 24 пожарникари со девет противпожарни возила. Но пожарот всушност самиот се изгаснал по два часа интензивно горење, откако веќе немало што да изгори.
Поради пожарот екипи на ЕВН го прекинале снабдувањето на електричната енергија во целата околина. Во лифт на блиска зграда останале заглавени две жени кои биле извлечени од страна на Единицата за интервентна полиција.
На Токсикологија се примени две женски лица (на 41 и 48 години) кои имале мала изложеност на гасови. За да го видат пожарот тие излегле на балконот накратко и ја отвориле вратата. Станува збор за мала количество гас што го вдишале. По неколкучасовна опсервација се пуштени дома.
