По поројните дождови кон крајот на минатата седмица беа регистрирани серија инциденти со поплавени патишта и свлечишта на пат во неколку градови и села во североисточна но и во централна Република Македонија.
Крива Паланка беше зафатена од силно невреме по што дојде до нагло зголемување на водостојот на Крива Река, Домачки Дол и Киселичка Река. Од зголеменото ниво на Крива Река дојде до излевање и поплавување на брегот. Однесени се пешачки мостови, поплавени се домови на граѓаните.
Отсечено беше селото Т‘лминци со 20 жители, поради надојдената река која го преплави мостот. Надојдени беа водите на Куков Дол. Кај место викано „Над Базен“ имаше излевање на водата на Крива Река. На патниот правец Крива Паланка – село Луке сообраќајот беше целосно во прекин во двата правца поради свлечиште.
Во Општина Старо Нагоричане надојде и реката Пчиња кај Пелинце.
Центарот за управување со кризи предупредува да не се поминува по мостот кај село Пчиња, бидејќи тој е со слаба конструкција и постои опасност од уривање.
Неповолна беше и хидролошката состојба во Делчевско. Новите поројни дождови на територијата на Општина Делчево оштетија дел од локалната патна мрежа во делчевското село Драмче, каде од надојдените води беше поткопан мостот кој минува низ селото, а поплавени се неколку вили и помошни објекти.
Предупредување имаше и за зголемен водостој на реката Вардар и нејзините притоки. Проблеми со зголемениот водостој на реката Вардар имаше во Градско, каде што се влева и најголемата притока Брегалница. Градоначалникот на Градско, Киро Нацков соопшти дека алармантно е на мостот од Градско кон село Уланци. Со механизација се отсрануваа надојдените гранки и дрвја, а стабилноста на мостот е нарушена од претходно, поради неконтролирано црпење на песок.

Седум часа беше во прекин патниот правец Прилеп-Росоман. Колони возила кои трганаа од Битола и Прилеп кон Скопје останаа отсечени од остатокот од државата бидејќи магистралниот пат после Плетвар беше целосно во прекин поради одрони и поплави. Најдраматично беше на клучката кај мотелот “Дреново“, каде од обилните врнежи од дожд се излеа Раечка Река кај село Раец, а водата носеше се пред себе.
Патниците кои го минуваа Плетвар претпладнево споделуваа и фотографии на возило што плови во надојдената вода која се слева кон коловозот, кое за среќа било празно. Свлечиште и одрони на карпи имаше и кај новите тунели. ПСообраќајот беше повторно воспоставен штом водите на Раечка Река се повлекоа во речното корито, а екити на ЈП за оджување и заштита на магистрални и регионални патишта ги отстранија наносите од земја, камења и сл. на патот.