Во Собранието на Македонија се случи инцидент при кој пратеникот од Левица, Борислав Крмов, го откорна мониторот на претседавачот со барање да се прекине седницата. На него му се придружи и пратеникот Димитар Апасиев. Двајцата фрлаа листови врз потпретседателот на Собранието Горан Мисовски кој (чудно) токму непосредно пред излегувањето на Крмов на говорница седна на местото на Таљат Џафери.
Пратениците од Левица бараа да се прекине седницата бидејќи не им се архивирани амандманите кои ги поднеле.
Претходно, собранискиот спикер Таљат Џафери, практично ги фрли во отпад 1.449 амандмани кои ги поднесе Левица.
– Поднесени се 2.640 амандмани, 1461 амандман се од Димитар Апасиев и Борислав Крмов. Од кои 12 амандмани се уредни, останатите се неуредни (немале печат на Левица), констатираше спикерот Џафери.
Апасиев побара да се тргне точката за измена на собранискиот Деловник од дневниот ред на пленарната седница, додека на претседателот Таљат Џафери му порача дека нема да му прости и дека услов за да Левица влезе во Влада ќе биде тој да скапе во затвор.
Седницата беше прекината. Мисовски даде пауза од 30 минути.
Во продолението, на забелешката дека 2.500 амандмани на Левица не биле заверени и само 12 од нив биле исправни, Апасиев го соблече чевелот и со него „удираше“ печат врз амандманите и му ги доставуваше на спикерот Горан Мисовски.
– Ова е по сите шверцерски стандарди на ДУИ, велеше Апасиев.
Обидот на Левица со преку 2.500 амандмани да го спречат донесувањето на новиот собраниски Деловник не успеа. Тој беше изгласан од мнозинството.
