Транзициските тајкуни од Македонија, Минчо Јорданов и Благоја Механџиски (сопственикот на аптеките “Зегин“) се на списокот на сопственици на сметки во една од најстарите и најпознати швајцарски банки, “Credit Suisse“. Нивните податоци излегоа во јавноста откако “свиркач“ ги открил деталите на 30 илјади коминтенти на оваа банка за кои дел се вели дека се криминалци, трговци со дрога и оружје на кои токму оваа банка им помагала да ги “исперат“ парите.
Во документарецот изработен од тимот новинари и филмски работници на Истражувачката репортерска лабораторија – ИРЛ, емитуван на 20 февруари на МРТ1 и ЈуТјуб каналот на ИРЛ, под наслов „Швајцарски тајни“, беа обелоденети детали според кои двајцата македонски бинисмени, кои се меѓу најбогатите во земјата, последниве неколку децении поседувале приватни банкарски сметки во Швајцарија на кои во различни периоди легнувале или од нив биле исплаќани милионски суми во швајцарски франци, а трансакциите биле поврзани со приватизациите на повеќе некогашни општествени компании во државата.
– Овие луѓе се се најлошо, се што имаат направиле во оваа држава, буквално целото нивно богатство и онака се однесувале многу лошо со системот кој неправедно ги наградил, вели уредничката на ИРЛ, Сашка Цветковска. – Најбогатите луѓе кои свото богатство и привилегиите ги стекнале благодарејќи на системот тука, злоупотребувајќи го за своја корист, сепак одлучиле парите да ги чуваат во странство и да не плаќаат данок, додава Цветковска.
Откако тиражниот германски весник “Sueddeutsche Zeitung“ обелодени дека швајцарска банка “Credit Suisse“ како клиенти во изминативе децении имала лица од повеќе странски држави кои биле криминалци, обвинети воени злосторници и други високопрофилни личности, често пати осомничени за финансиски малверзации и ограбување на матичните држави, македонската ИРЛ излезе со свој дел од стражувањето за спорните швајцарски сметки, кое се однесува на македонски бизнисмени.
Според магазинот “Форбс“, Минчо Јорданов е еден од најбогатите Македонци. Тајкун, олигарх, транзициски бизнисмен, сопственик на АД “Бетон“, фабриката “Факом“, со удел во “Макстил“, поседува медиуми (како “Нова Македонија“ и “Капитал“), винарии (“Стоби“), хотели и е поранешен вице-премиер.
ИРЛ открива дека Минчо Јорданов поседува приватни банкарски сметки во Швајцарија кои не ги пријавил за време на мандатот како вице-премиер во владата на Владо Бучковски во 2004 година. Јорданов стои зад стечајот и приватизацијата на скопската Железарница, две години по приватизацијата на овој некогашен македонски стопански гигант ја отвора првата од неколкуте свои сметки во Швајцарија и продолжува да ги користи во наредните две децении.
Во “Credit Suisse“ Јорданов имал вкупно 8 сметки. На едната од нив собрал 14,7 милиони швајцарски франци, на друга во еден период имал 6.2 милиона швајцарски франци а на трета и четврта по односно 5,1 ондонсо 5.4 милиони швајцарски франци. Ниедна од овие сметки Јорданов не ги пријавил на анкетното ливче иако како јавен функционер морал во целост да го пријави имотот кој го поседувал. Со ова Јорданов ги прекршил Законот за корупција и законот со кој на македонските граѓани им е забрането да поседуваат нерезидентни сметки во странство, вели Цветковска во видеото за истражувањето на швајцарските сметки.
– Нема одговор како Минчо Јорданов ги заработил парите кои ги складирал на швајцарските банкарски сметки, се вели во документарецот на ИРЛ, каде се повикуваат македонските надлежни државни органи да ги испитаат наводите до кои тие дошле во своето истражување.
Благоја Механџиски е сопственик на првиот приватен и најпрофитабилен ланец на аптеки “Зегин“. Тој во 2006 продава половина од акциите на својата компанија на фирмата “Мајлстоун“ од Исланд за околу 5 милиона евра. Со тие пари од котроверзните, а потоа и осудени бизнисмени од Исланд, сопственици на фирмата “Мајлстоун“, ги купува Градски Аптеки, по што тој отпушта најголем дел од вработените. Стечајот на „Градски Аптеки трае од 2010 до 2021. Во јануари годинава, целиот имот на ова некогашно јавно претпријатие преоѓа во сопственост на “Зегин“.
Механџиски во “Credit Suisse“ поседува три сметки а на едната од нив во 2007 година се собрале над 14 милиона швајцарски франци.
Од ИРЛ ги повикиуваат македонските државни органи да испитаат какво е потеклото на овие пари кај Механџиски, дали е платен данок како и да се повика на одговорност поради незаконско поседување на сметка во странска банка.
Македонците не смеат да поседуваат сметки во странство
Во Македонија и натаму важи забраната државјанин да поседува сметка во странство. Постојат само неколку исклучоци: доколку лицето е двоен државјанин односно резидент во странска држава, доколку продал (наследен) имот или акции во странство, ако студира надвор од државата, ако е македонски дипломат… Во 2016 година беа донесени измени со кои на македонскиот државјанин му се дозволи на сметката во странство да праќа пари од Македонија (дотогаш можеше само во еден правец – од странство да праќа пари во татковината).