Исти бројки, различен резултат:Како власта и опозицијата се разликуваат во описите на инфлацијата?

Читаат со иста азбука и сметаат со исти бројки, но не добиваат ист резултат. Власта и опозицијата различно ги толкуваат и проекциите на меѓународните финансиски институции, но и ефектот на мерките за излез од кризата.

За опозицијата бројките на ММФ покажуваат дека до крајот на годинава инфлацијата ќе биде 10 отсто, додека СДСМ со розови очила гледаат 5 отсто.

Потпретседателката на ВМРО ДПМНЕ Гордана Кочовска на трибина објаснуваше дека токму замрзнувањето на цените влијае на нивниот раст.

– Лаги се и сите тези на власта дека инфлацијата е увезена. Македонија во моментов има 50% поголема инфлација од Еврозоната. Лошите политики на власта на СДС и ДУИ на полето на економијата само ќе влијаат негативно на економските трендови, рече Кочоска.

Таа забележа и дека минималната плата не ја следела продуктивноста, додека во земјоделието субвенционирањето или се намалува или е на исто ниво, секој ден се менуваат мерки и ДДВ, а од друга страна растат каматите на кредитите, што создава непредвидлива околина.

Вицепремиерот Фатмир Битиќи (СДСМ), пак, деновиве призна дека власта и опозицијата различно гледаат на работите, особено на тоа како ја интерпретираат моменталната инфлација во земјата и дека секој ги толкува бројките како што сака. Опозицијата, како што рече, зборува за просечна (годишна), а власта за месечна инфлација. Но, тоа според него, е убавината на демократијата!?

ММФ за годинава проценува дека Македонија ќе има 2.5% раст на економијата,  а во исто време проекциите за Албанија се 3.6% и 4.5% за Црна Гора (што може да се објасни како резултат на нивната туристичка „жетва“ од морските летувалишта), но и 3.8% за Косово.

Останати вести