Ескалира проблемот со постојаното влегување на кафеави мечки по селата и напади на добитокот во Националниот парк Маврово, но и на други подрачја на државата. Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, одржа прес-конференција на оваа тема.
Според проценката што ја дава Општина Маврово и Ростуше, на територијата на националниот парк има од 160 до 180 мечки, а според одредени норми од стручни лица бројот на мечки би требало да биде 80.
А на територијата на државата има значително повеќе, неофицијално повеќе од 500 мечки.
Општината Маврово и Ростуше одржала неколку средби со месните заедници, со МВР, како и со претставници на Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство, и претставници на Министерството за животна средина, каде донеле одлука да поднесат барање за прогласување кризна состојба во рамките на територијата на Општина Маврово и Ростуше.
– Владата е таа која што треба да одлучи што ќе се случи понатаму. Во нашата работа ќе вклучиме и активисти на Здружение за заштита на животните. Наша цел не е отстрел на овие животни. Ги сакаме мечките, но повеќе ги сакаме луѓето. Овие кафеави мечки пред се претставуваат голема опасност по животот и здравјето на граѓаните, бидејќи се работи за живи села, каде што има мали деца и неколку основни училишта, каде што децата одат на училиште, притоа се движат сами. Вообичаено селските улици се многу тесни и при несакана средба со мечка, дури мечката и да нема намера да нападне, би претставувала огромна опасност за жителите. Во самото село во повеќе наврати мечки влегуваат во куќите да бараат храна, дециден беше Ангелов.
Повеќе жители на селото Жировница раскажаа за непосредните средби очи в очи со мечки, некогаш една некогаш две одеднаш, кои прават пакост по куќите и по имотот (улишта, штали, кокошарници…) во потрага по храна. Една постара жителка раскажа како мечката и влегла дома: пробала насила да ја отвори влезната врата а старицата зела синија и лажица и почнала силно да тропа во очаен обид да ја исплаши и да ја избрка. За среќа мечката заминала.
Инаку сите жители на Жировница во џебовите постојано носат петарди или силни батериски ламби но велат дека мечките повеќе не се плашат ниту од пукотници ниту од зрак светлина.
Кафеавата мечка во Македонија е забранета за лов и спаѓа за строго заштитен вид уште од 1996 година, а тоа допринесува таа да се размножува. Последните топли години мечката не оди во таканаречениот зимски сон и е активна во текот на зимата.
Еден од проблемите е дека поради сушната година нема доволно природна храна. Уништени се стотици пчелни сандаци и десетици глави крупен добиток (крави, телиња, коњи).