Кичево слави 10 години „албанско владеење“, власта молчи

Општина Кичево во организација на градоначалникот Фатмир Дехари прослави “10 години од албанското владеење со општината“. Целиот град беше украсен само со албански знамиња, а имаше и концерт на Националниот албански ансамбл од Скопје и историски час насловен како „Кичево под албанска власт“. На гости беа Али Ахмети и врвот на ДУИ. Дехари е познат по тоа што во својата канцеларија на истакнато место го држи амблемот на УЧК.

Од СДСМ и централната власт молк, а реагираа од ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Кичево.

– Што е гордо и достоинствено во неговото владеење? Дали дека направи пустош и егзодус? Дека се иселени многу граѓани, пред сè Албанци, дека се затворени многу фирми, а тој соработува само со неколку? Опустошена е чаршијата, владее корупција. Еманципираните и образовани Албанци не може да ги задржи со приватна журка и со илјадници албански знамиња. На што е горд Дехари, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Дехари како член на ДУИ е градоначалник на Кичево од 24 март 2013 година, а потоа победи и на локалните избори во 2017 и 2021 година.

Со реакција се јави и Петар Богојески, претседателот на Македонски концепт кој директно ги повика премиерот Димитар Ковачевски и министерот Оливер Спасовски да реагираат на овој етнички шовинизам.

– Дехари признава дека Македонија денес е под албанска етничка власт, без никаква почит кон мултиетничноста или евентуално граѓански карактер на земјата. Не е првпат Кичево или други македонски градови да се окупирани од албански шовинисти, фашисти или сталинисти. Каде е полицијата и нека најде едно македонско знаме во Кичево. Според кој закон работи Општина Кичево и Дехари? Кои мерки државата ги презеде за заштита на уставниот и законски поредок на земјата? Дали Димитар Ковачевски знае што му се случува во земјата?, реагира Богојески.

Претходно Касами го нарече Тетово “албански главен град во Македонија“

Градоначалникот на Тетово, Билал Касами (и лидер на БЕСА), во своја објава на Фејсбук Тетово го нарече „албански главен град во Северна Македонија“. Се пофали дека бил домаќин на дваесетина градоначалници Албанци од Косово и Србија. Откако стигнаа бурни реакции тој се правдаше дека не мислел на главен град, мислел на „центар“ на Албанците во Македонија.

По овој повод се огласија и локалните ограноци на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ.

Градоначалникот Касами очигледно нема ориентација во просторот, рекоа од основната организација на СДСМ од Тетово и додадоа:

„Недостојно е за еден градоначалник, кој својата плата ја зема од парите на тетовчани, кои се и Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми и останати, да споделува вакви ставови, фаворизирајќи една етничка група. Да го потсетиме градоначалникот Касами дека на таа функција дојде благодарение на поддршката која му ја даде ВМРО-ДПМНЕ, односно со помош на македонските гласови“.

Општински комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Тетово се огласи со реакција во која го опомена Касами да биде свесен дека промоцијата на Тетово како центар на една заедница подразбира дискриминација на македонскиот народ и на сите други кои живеат во градот.

„Тоа ние нема да го дозволиме. Тетово за нас е и секогаш ќе биде срцето на Македонија и никогаш нема да биде центар само на една заедница“, стои во реакцијата на оваа партија.

Останати вести