Тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп ја коментираше ситуацијата со вакцинацијата меѓу фудбалерите.
Германецот, чија мајка минатата година почина од коронавирусот, изјави дека 99 % од играчите на Ливерпул се вакцинирани, но постави прашање од која причина клубовите не можат од своите играчи да добијат точна информација дали се вакцинирале или не.
Тоа прашање се наметна откако англискиот селектор Герет Саутгејт изјави дека не знае точно кој од англиските репрезентативци е навистина вакциниран, а кој не е. Саутгејт изјави дека репрезентативците би требало да бидат пример и да помогнат да се вакцинираат што е можно повеќе фудбалери, а „Дејли Мејл“ неодамна откри дека четвртина од фудбалерите во Премиер лигата прележале ковид.
– Претпоставувам дека сите сме биле во ситуација да сме се напиле едно или две пива и да сме помислиле дека можеме да седнеме кај воланот, но законот едноставно не ни дозволува тоа да го правиме. Истата работа е и со вакцините, изјави Клоп на прес-конференцијата и додаде:
– Законот не е тука да ме штити само мене, туку да ги штити сите луѓе. Не разбирам зошто задолжителното вакцинирање би било ограничување на нечија слобода. Ако е така, тогаш и забраната за возење во пијана состојба исто така е ограничување на слободата.
Клоп го кажа тоа во пресрет на репрезентативната пауза во која голем број фудбалери од Премиер лигата ќе заминат во своите земји ширум светот. Некои од нив по враќањето во Велика Британија би морале да одат во изолација зависно од тоа дали земјите од кои доаѓаат се на „црвената листа“, но тамошната влада им дозволи на играчите да не мораат да одат во карантин ако се вакцинирани со две дози.