Ковачевски ги потврди министрите од СДСМ во новата Влада

Претседателот на СДСМ и мандатар Димитар Ковачевски на Собранието му го предложи новиот кабинет и владината програма. Ден претходно тој ги потврди имињата на новите функционери на СДСМ кои ќе бидат дел од новата влада.

Вицепремиерката за борба против корупцијата – Славица Грковска

Вицепремиерот за економски прашања – Фатмир Битиќи

Вицепремиерот за европски прашања – Бојан Маричиќ

Министер за внатрешни работи – Оливер Спасовски

Министер за транспорт и врски – Благоја Бочварски

Министерка за труд и социјална политика – Јована Тренчевска

Министерка за одбрана – Славјанка Петровска

Министер за правда – Никола Тупанчевски

Министерка за култура – Бисера Костадиновска Стојчевска

Министер за земјоделство – Љупчо Николовски

Собраниската седница за избор на новата Влада и нејзината програма се очекува да се одржи на 15 и 16 јануари (вториот ден треба да се гласа). На 17 јануари и официјално ќе почне со работа Владата предводена од Димитар Ковачевски како премиер.

Кои се приоритетите на новиот премиер?

Клучен и прв приоритет на новиот кабинет ќе биде справување со енергетската криза, рече мандатарот за состав на новата влада, Димитар Ковачевски на прес конференцијата во Собранието по врачувањето на имињата на предлог министри во новиот кабинет.

– Втор приоритет е задржување на животниот стандард на граѓаните и на компаниите и трето е исполнување на целите во однос на големите инфраструктурни проекти, рече Ковачевски.

Рече дека целата енергија е насочена кон финансиска поддршка и нови работни места.

Според него просечната плата до крајот на мандатот ќе биде над 500 евра, а во моментот се прават анализи за времето и висината на зголемување на минималната плата. Ковачевски рече дека не е планирано зголемување на даноците, а Владата ќе работи на поголема ефикасност и поголема борба против сивата економија.

Останати вести