Премиерот Димитар Ковачевски тврди дека измените во Кривичниот закон се направени во комуникација со ЕУ и во согласност со законодавства што важат во Европската унија. Вели дека со ЕУ тече скрининг-процесот и за сите процеси е разговарано.
– Измените што беа направени се во согласност со законодавства што важат во ЕУ. Тоа што претходно имавме закон во кој казните беа направени од комунистичко време, беа направени од некој, како што јас го нарекувам, Дарт Вејдер на македонското судство (мисли на екс-министерот за правда Михајло Маневски), тоа не значи дека тие работи не треба да се променат, рече премиерот.
Во одбрана на измените премиерот рече дека со нив не се штити никој, туку се добива многу, како што е проширена конфискација. Сега со новиот закон, вели Ковачевски, се дефинираат 422 кривични дела врз основа на кои може да се гони секој што злоупотребил.
За предлог-законот за амнестија Ковачевски истакна дека затворите се пренатрупани и постојат во светот други инструменти на казнување, како што е работа во општествени цели.
Премиерот Ковачевски тврди дека измените на кривичниот законик се во согласност со европското законодавство, дека сè што се прави е во договор со ЕУ, но Европската комисија излезе со поинаков став. Портпаролката Ана Писонеро изјави дека „ЕУ со загриженост забележува дека некои од измените во Кривичниот законик, усвоени во забрзана постапка, влијаат врз голем број случаи на корупција на високо ниво“. Додаде и дека ЕУ изразува жалење поради недостигот на сеопфатни консултации со домашните фактори и со Европската комисија пред нивното усвојување, како и за употребата на процедурата со ЕУ знаменце, која треба да биде конзистентна и јасно поврзана со законите кои првенствено имаат за цел усогласување на националното право со законодавството на Унијата.
Поради ова и од ВМРО-ДПМНЕ излегоа со дилема.
„Со која ЕУ се консултирал Ковачевски? Додека тој даваше изјава тие ги осудија измените во КЗ, така и за уставните измени, ВМРО-ДПМНЕ веднаш ги отфрли, попусто се надева. ЕК денес излезе со став дека жалат за недостатокот на сеопфатни консултации на власта со домашните чинители и ЕУ пред усвојувањето на измените, но и за злоупотребата на европското знаменце. Наместо владеење на правото, со Ковачевски имаме владеење на криминалот, неказнивоста на владините функционери е императив на неговата работа, рекоа од опозициската партија.“