За јазикот и идентитетот ниту се разговара, ниту преговара, ниту ќе се преговара во иднина, истакна премиерот Ковачевски во интервју за МРТВ, националниот радиодифузен сервис.
– Во овој момент постојат само работни документи кои се разменуваат со Република Бугарија, а кои ќе бидат објавени кога ќе бидат конечни и кога ќе биде утврдена конечната рамка која ќе претставува пат до финално решавање на спорот кој го имаме со соседната земја, истакна Ковачевски.
Тој потенцира дека во однос на самите разговори земјата има јасно изградени позиции во Собранието, поддржани од сите политички партии и тие позиции се јасни и за Владата и за пратениците, политичките партии и сите граѓани.
– Нашиот јазик е јасно впишан во Обединетите нации и исто така јасно впишан во документите на ЕУ, додаде премиерот Ковачевски.
Премиерот Ковачевски беше прашан на брифинг во Софија кои конкретно права на припадниците на бугарското малцинство се прекршени во Македонија кога има само две претставки од работни односи, а ниедна по етничка основа и немаат ниедна тужба во Стразбур.
Тој смета дека во Македонија секој граѓанин има право на заштита пред институциите и пред законите и Уставот. Според него и само еден случај да има, една претставка, ако ја занемариме тоа ќе направи беспотребен проблем и мистерија. Институциите треба да го решат тој проблем, да одговорат, а ние да кажеме како е решено и зошто е така одлучено.
Тој вели дека Македонија има уникатна заштита на малцинствата и е единствената држава со министер, односно вицепремиер за политички систем и заштита на малцинствата. За разлика од Бугарија и Франција на пример, каде поединечните права се упатуваат на решавање преку поединечни, специјални институции, како Европскиот суд за човекови права и слободи во Стразбур, во Македонија законите еднакво важат за сите. Тоа било поздравено во Бугарија, кажа тој.
Ковачевски кажа дека сите прашања – 5+1 – во разговорите со Бугарија за деблокирање на нејзиното вето за почеток на преговорите со ЕУ, ќе бидат поставени во рамка, целина. Таа рамка треба да содржи достоинствени и поддржливи решенија во двете земји и решавањето на сите овие прашања, треба да донесе седнување на Македонија на меѓувладина конференција со ЕУ. Нема да има расцепкување на нерешените спорови, ќе одат во пакет, целина. Неговата влада ќе се придржува кон Резолуцијата донесена во македонскиот парламент.
За разлика од бугарскиот премиер Кирил Петков, кој минатата недела во Скопје кажа дека прогнозира за 6 месеци да се решат сите отворени прашања, Ковачевски кажа дека тој нема да калкулира со рокови.