За прв пат од 1952 година, отсега кога се свири националната химна на Обединетото Кралство зборовите ќе бидат: „Боже спаси го кралот“.
Со смртта на Елизабета Втора тронот автоматски преминува на нејзиниот син-наследник, Принцот од Велс кој одбра да владее под името Чарлс Трети (можеше да избере и некое од неговите средни имиња: полното име му е Чарлс Филип Артур Џорџ Виндзор). Неговата сопруга Камила ќе стане Queen Consort (консорт – придружничка, сопруга на монарх – титула која нема никаква официјална моќ, нема плата ама носи многу обврски, нешто како Првата дама во САД) како што во февруари беше прокламирано и од самата Елизабета.
Чарлс Трети стана шеф на Комонвелтот, асоцијација од 56 независни земји и 2,4 милијарди луѓе. За 14 од овие земји, покрај Обединетото Кралство, кралот е шеф на државата (Австралија, Антигва и Барбуда, Бахамите, Белизе, Канада, Гренада, Јамајка, Папуа Нова Гвинеја, Сент Кристофер и Невис, Санта Луција, Сент Винсент и Гренадини, Нов Зеланд, Соломонски Острови, Тувалу).
Крунисувањето нема да се одржи најмалку во следните месеци (Елизабета Втора беше крунисана после речиси година и половина од седнувањето на тронот). Во изминатите 900 години оваа церемонија се одржува во Вестминстерската опатија – Чарлс ќе биде 40-тиот крал. Тој е воедно највозрасниот британски монарх кој се качил на тронот.
Новиот британски крал Чарлс Трети и се обрати на на британската и светската јавност следниот ден по смртта на неговата мајка.
“Денеска ви зборувам со чувство на тага. Кралицата Елизабета беше добро проживеан живот; нејзиното ветување (за доживотна служба -н.з.) беше судбински исполнето и најдлабоко тажиме поради нејзиното заминување. Денес јас го обновувам тоа ветување за доживотна служба на сите вас. Кралицата беше инспирација за нас и за целото семејство. Во 1947 година, тогаш уште како принцеза Елизабет на нејзиниот 21 роденден во радио-обраќање од Кејптаун се заколна дека ќе го посвети својот живот на луѓето. Тоа беше повеќе од ветување, тоа беше обврска. Се жртвуваше, никогаш не се промени. Во животот видовме дека ја сака традицијата, но и напредок кој не направи голема нација. Како што може да потврди секој член на моето семејство, таа имаше способност да го види најдоброто од сите луѓе…
Постои големо чувство на благодарност кон мајка ми во сите земји на Комонвелтот и во светот. Благодарен сум на сите за нивното сочувство, од сите народи. Нејзината љубов, лидерство и разбирање беа пример за сите нас. Јас сум неверојатно горд на она што го направи Елизабета Втора. Владетелите имаат одговорности. Јас сум воспитан да ги ценам традициите, вредностите и одговорностите на нашата единствена историја Се колнам, се додека Господ ми дава, дека ќе ги чувам вредностите на нашата земја. Каде и да живеете, во земјите на Обединетото Кралство или низ светот, ќе ви служам со љубов и лојалност. Мојот живот сега се менува. Веќе нема да можам да посветувам толку време и енергија на невладиниот сектор. Ова е време на промени за моето семејство. Мојата драга Камила, со која се омажив пред 18 години, станува кралица“, рече меѓу другото во првото обраќање Кралот Чарлс Трети.
Понатаму тој наведе дека својот син Вилијам и неговата сопрува Кејт ги прогласува за Принц и Принцеза од Велс и дека се гордее со нив.
Го спомна и својот помлад син, принцот Хари и неговата сопруга Меган, изразувајќи им љубов „додека тие продолжуваат да ги градат своите животи во странство“. Инаку, принцот Хари не успеал да се прости од кралицата Елизабета Втора пред нејзината смрт. Тој со Меган беа во Германија од каде итно беше повикан да дојде во Балморал.
Кралот Чарлс Трети (род. 14 ноември 1948 во Бакингамската палата, Лондон) на 8 септември 2022 го наследи тронот од неговата мајка како и нејзиното приватно богатство – колосално наследство што ќе го добие без плаќање данок на наследство, што е привилегија резервирана за наследниците на кралот.
Иако ништо не ги обврзува британските монарси да ги откријат своите приватни финансии, познато е дека Елизабета поседувала лично богатство од A$626 милиони во 2022 година, пишува “Сандеј Тајмс“, односно 8 милиони повеќе од претходната година. По нејзина добра волја таа почнала да плаќа данок од 1992 година, иако законот не ја обврзува.
Бакингемската палата, кралската резиденција во Лондон и замокот Виндзор, триесет километри западно од Лондон, се државна сопственост. Сепак, замокот Балморал, летувалиштето на кралското семејство и резиденцијата Сандрингем, каде кралското семејство традиционално го слави крајот на годината, биле во сопственост на кралицата и ги наследува Чарлс.
Кралицата поседувала и колекција на кралски поштенски марки вредна околу A$150 милиони, според пишување на “Тајмс“ во 2021 година.
Богатството на кралицата се додава на личното богатство на Чарлс, проценето на A$147 милиони.
Познатите скапоцени камења на круната, проценети на околу A$5 милијарди, симболично и припаѓаа на кралицата и автоматски се пренесуваaт на нејзиниот наследник.
Принцот Филип, сопругот на Елизабета, остави поскромно богатство од скоро А$60 милиони кога почина во април 2021 година. Тој поседувал колекција од околу 3.000 слики, од кои повеќето биле оставени на пријателите и семејството.
Познавачите велат дека Елизабета најверојатно оставила тестамент, а некои помали суми пари ќе наследат членовите на блиското семејство, но не и најголемиот дел од богатството кое му припаѓа на Чарлс.