Крај на блескавата кариера: Серена Вилијамс со солзи замина во тениска пензија!

За многумина најдобрата тенисерка на сите времиња Серена Вилијамс стави крај на кариерата, откако во третото коло на УС Опен беше поразена од Ајла Томљановиќ, 28-годишната Австралијка со хрватско потекло.

Австралијанката победи со 7:5, 6:7/4, 6:1 по нешто повеќе од три часа игра во возбудлив дуел на преполниот „Артур Еш“. Тоа беше 109. меч за Серена на УС Опен, последен, но и прв кој траеше повеќе од три часа.

– Се обидов, но Ајла одигра многу подобро. Благодарам на сите што беа со мене сите овие години, децении. Сакам да им се заблагодарам и на моите родители, тие заслужуваат сè! Ова се солзи радосници.

Јас немаше да бидам Серена, доколку не беше Венус, за тоа сум ти благодарна Венус. Таа единствената причина поради која постои Серена Вилијамс. Тоа беше забавно возење, неверојатно патување на кое сум била. Јас сум исклучително благодарна, низ солзи изјави Серена.

А потоа искоментира за пензионирањето и дали ќе ја промени својата одлука.

– Не верувам, никогаш не знаеш. Сега сум подготвена да бидам мајка и да ги истражувам другите верзии на Серена. Технички јас сум млада, но би сакала да уживам во животот додека можам да одам.

За речиси две и пол децении Серена Вилијамс освои 23 Грен слем турнири во сингл – по седум на Австралија Опен и Вимблдон, три на Ролан Гарос и шест пати на УС Опен. Покрај тоа, таа има 14 Грен слем титули во двојки, како и две титули во мешани двојки.

Пред неколку недели Серена изјави дека УС Опен ќе ѝ биде последен турнир во кариерата, а иако не играше многу оваа сезона со поддршка од навивачите успеа да се пласира во третото коло. Таа на стартот славеше против Црногорката Данка Ковиниќ, а потоа ја исфрли втората носителка Анет Контавеит, за да се соочи со Томљановиќ, која игра во неверојатна форма оваа сезона. Австралијката во четвртото коло во Њујорк ја очекува дуел со Људмила Самсонова која ја елиминира Александра Круниќ.

Останати вести