КУД „Гоце Делчев“ и ансамблот „Илинден“ ја претставија Македонија во Перт

Македонската фолклорна група „Гоце Делчев“, која делува при Македонската заедница на Западна Австралија, достојно и со голема гордост ја претстави Македонија на традиционалната Божиќна забава организирана од ТВ Канал 7 во Перт. Настанот, кој секоја година обединува бројни културни и етнички заедници од Западна Австралија, беше одлична можност за промоција на македонската култура и фолклорно наследство.

Играорците од Културно-уметничкото друштво „Гоце Делчев“, заедно со членовите на Фолклорниот ансамбл „Илинден“, настапија во автентични македонски народни носии и изведоа традиционални ора и кореографии од различни региони на Македонија. Нивниот настап се одликуваше со високо ниво на уметничка изведба, енергија и прецизност, што беше препознаено и поздравено од публиката.

Присуството и учеството на македонските фолклорни ансамбли на вакви мултикултурни настани има особено значење за  промоција на македонскиот национален идентитет, јазик и традиција меѓу младите генерации во дијаспората. Воедно, ваквите настапи придонесуваат кон поголема видливост на македонската заедница и зајакнување на културниот дијалог со другите заедници во Австралија.

Со својот успешен настап на Божиќната забава на ТВ Канал 7, КУД „Гоце Делчев“ и Фолклорниот ансамбл „Илинден“ уште еднаш ја потврдија својата улога како достојни културни амбасадори на Македонија, оставајќи силен впечаток и правејќи ја македонската заедница во Западна Австралија исклучително горда. 

Останати вести