Помеѓу финалните 32 клубови што ќе се борат за Купот на Австралија се наоѓаше и нашиот Бродмедоу Меџик, кој во петокот вечерта ја пречека екипата на Сиднеј Јунајтед. Натпреварот се играше на “Меџик Парк“ и Бродмедоу беше единствениот наш претставник во елиминационата завршница во која се вклучија и екипите од А–лигата.
По долгото одложување на почетокот, по незгодната повреда на Анте Бакмаз од Сиднеј Јунајтед, играта продолжи и во 23 минута во еден напад од десната страна нафрлената топка во казнениот простор ја допре раката на одранбениот играч на Бродедоу и беше досуден пенал. Прецизен егзекутор на најстрогата казна беше Патрик Антелми кој му донесе водство на гостинскиот тим.
Магичните експресно израмнија во 26 минута преку Џејден Стјуардсон на 1:1. Сиднеј Јунајтед во 34 минута преку капитенот Адријан Властелица, повторно дојде до ново водство од 1:2.
Следеше неочекуван црвен картон за Рајли Смит на пет минути до крајот на првото полувреме. Тоа беше ненамерен удар со лактот во еден воздушен дуел кој судијата го обележа со вториот жолт картон за Смит и негово автоматско исклучување. Но и со играч помалку Бродмедоу Меџик не се предаваше и во 45 минута преку Бејли Велс постигна израмнувачки гол за 2:2.
Во второто полувреме се играше 54 минута кога Деванте Клут успеа со удар од далечина да ја протне топката покрај голманот Цезар Серпа за ново водство на Сиднеј Јунајтед од 2:3. Тоа не ги обесхрабри фудбалерите на Меџик и имаше неколку убави акции и голема среќа за гостите што не примија голови. Конечниот резултат во судиското продолжение во 96 минута го постави Алесандро Лакаландра за 2:4.