Леклер запиша победа во Австрија, гореше болидот на Саинц

Возачот на “Ферари“, Шарл Леклер е победник на единаесеттата Ф1 трка која попладнево се возеше за Големата награда за Австрија.

Леклер кој стартуваше од втората позиција најдобро се снајде на „Ред Бул Ринг“, односно ја запиша третата победа во оваа сезона или вкупно петта во кариерата. Интересно е тоа што за него ова беше прв остварен триумф, а истиот да не дојде откако ја имал пол позицијата.

Тој зад себе го остави актуелниот шампион Макс Верстапен, а трет заврши Луис Хамилтон од “Мерцедес“. Бодови уште остварија Расел, Окон, Шумахер, Норис, Магнусен, Рикардо и Алонсо.

Вреди да се напомене дека “Ферари“ како тим можеше да дојде до многу подобра резултат во Австрија, но во 57 круг Карлос Саинц мораше да се откаже по проблемите со моторот, а потоа и му се запали болидот.

Всушност Саинц прво десетина секунди не можеше да излезе од запалениот болид, а како пламените јазици се зголемуваа, тој повика помош. Тогаш дури редарите притрчаа, почнаа да го гаснат болидот. На крајот успеа да излезе од болидот и да избега од хоророт.

Саинц сигурно ќе бара објаснувања од колегите во “Ферари“, бидејќи дефектот на моторот предизвика болидот практично да биде уништен, а мадриѓанецот да остане без бодови и четврти пат сезонава. На последната трка, на „Силверстон“, победи, а претходно го извозе најбрзиот круг во Канада.

Останати вести