Фудбалерите на Јувентус не успеаја да го одбранат трофејот во Купот на Италија, откако во лудото финале на „Олимпико“ по продолженијата загубија од Интер со 2:4, иако до 80. минута имаа водство од 2:1.
Големото италијанско дерби започна како што посакуваа фановите од Милано – со ран гол на избраниците на Симоне Инѕаги. По само седум минути игра Брозовиќ додаде до Барела, а Италијанецот одлично си создаде простор за удар и испрати „бомба“ по голот на противникот, кој заврши зад грбот на Перин за водство на Интер од 0:1.
За разлика од стартот во првиот дел, во вториот „старата дама“ тргна фуриозно и за само 120 секунди го „нокаутира“ големиот ривал. Во 50. минута Алекс Сандро израмни на 1:1, а веднаш потоа Влаховиќ со својот четврти погодок во Купот (прв стрелец) направи комплетен пресврт и го одведе својот тим во пол-позиција за трофејот.
По големиот удар, Инѕаги со три замени проба да ја врати енергијата во своите редови и тоа му успеа, откако во 80. минута Чалханоглу биеше ризично од белата точка, но го совлада Перин за израмнување и продолженија во Рим (2:2).
Дополнителните триесет минути започнаа со возбудување пред голот на торинскиот гигант и нов пенал за „нероаѕурите“. Де Лихт несмасно го фаулираше Де Фрај и главниот судија Валери, по ВАР прегледите, покажа на белата точка, а овој пат сигурен реализатор беше Перишиќ за водство на Интер од 2:3. Но, тоа не беше сè од репертоарот на хрватскиот ас, кој најверојатно ја игра последната сезона во Интер, затоа што во 102. минута на мајсторски начин со волеј го совлада Перин за нова миланска радост во Рим и Куп-трофеј за Интер (2:4).